После децениско необновување, позитивната листа на лекови конечно ќе се проширува.
Министерот за здравство Фатмир Меџити вели дека е формирана Комисија од стручни лица која двапати месечно ќе ги разгледува апликациите од фармацевтските компании што ќе доставуваат предлози нивниот лек да се најде на позитивната листа, односно трошокот за лекот да биде на товар на Фондот за здравство.
Во комисијата има службеници од Фондот, МАЛМЕД и доктори специјалисти. Ажурирањето на позитивната листа на лекови е долгоочекувано и треба да обезбеди поиновативна и поефективна терапија за пациентите. Ќе се вреднува дали лекот е значаен по јавното здравје, какво е неговото терапевтско значење, фармакоекономските ефекти, етичките аспекти и какви се научните сознанија за лекот.
Претседателката на стручната комисија која ќе ги разгледува апликациите на фармацевтските компании, доктор Љубица Шутуркова вели дека листата ќе се ревидира после 13 години.
-Значењето на лекот од аспект на јавното здравје се вреднува според тежината на заболувањето и колку една болест го чини општеството. Се вреднува безбедноста, ефикасноста и ефективноста на лекот односно соодносот на користа наспроти ризикот од неговата примена за одредена болест споредено со постоечката терапија. Следниот критериум е влијанието на лекот на текот на болеста. Ќе се анализира трошокот и ефикасноста на лекот и влијанието на лекот врз буџетот – изјави Шутуркова.
Комисијата ќе се состанува двапати месечно и ќе ги разгледува барањата од фармацевтските компании, а потоа своите заклучоци ќе им ги доставува на министерот за здравство и на управниот одбор на Фондот за здравство за да тие го дадат финалниот збор дали лекот ќе се најде на позитивната ревидирана листа на лекови.
-Се ќе се одвива спонтано, нема тајминг. Според тоа како ќе ги добиваме апликациите, тие ќе бидат разгледани и проширувањето на позитивната листа на лекови ќе се одвива етапно – изјави министерот Меџити.
Тој најави дека проблемите со вработувањето на медицински кадар во болниците ширум земјава ќе се надмине, на начин што се прават олеснувања во административните процедури па така ако на некоја болница ѝ снема некој вид на специјалист, тогаш нема да треба да чека одобрение од Министерството за финансии за да го реализира вработувањето туку ќе може самостојно тоа да го направи, ако претходно има обезбедено буџет за таа намена.