Граѓанското општество познава национална припадност како лична определба, која треба да се негува од аспект на културата, традицијата, јазикот, обичаите, но никако не е, ниту може да биде услов за привилегирање по кој било основ
Звонко ДАВИДОВИЌ
Владата на Република Северна Македонија, во согласност со определбата за партнерство со граѓанското општество во процесот на креирање и спроведување политики, ја изготви Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот.
Документот се состои од седум стратешки области, кои имаат анализа на состојба, приоритети и цели, како и акциски дел, а секторските документи, кои треба да произлезат од Стратегијата, треба во својот дел
да ги декларираат приоритетите и целите што треба да придонесат со
активности, кои на оваа стратегија треба да ѝ овозможат менување на општествената реалност преку иницирање процеси за поинтегрирано општество.
ЗОШТО Е ПОТРЕБНА СТРАТЕГИЈА?
Преку детектирање на постоечките јазови и документи треба да се придвижат забавените процеси, кои треба да овозможат поголема комуникација и соработка на ниво на општествени сектори.
Потребата за оваа стратегија, како што се наведува во истата, произлегува од широко распространетите процени дека државата функционира преку поделени и одвоени општества.
Како примарна оска на таа поделба е детектирана етничката припадност, која честопати се совпаѓа со религиозната поделба и таа е забележана од многу меѓународни организации и нивните тела, вклучително и Европската комисија и останатите мониторинг механизми на Советот на Европа и Обединетите нации, но и во анализи спроведени на национално ниво.
Последното мислење на Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа итно препорачува државата да ги преземе сите неопходни мерки за градење интегрирано општество, кое е цврсто базирано на владеење на правото, заштита на човековите права, вклучително и малцинските права, почитување на различностите, како и да се отфрли екслузивистичката етнонационалистичка политика, која дополнително го зацврстува формирањето паралелни општества.
Уште во 2015 година, ова тело ја посочува кревката меѓуетничка ситуација, недостигот од доверба меѓу заедниците, како и потребата од континуирано внимание на социјалната кохезија.
Покрај етничката припадност, како оска на поделба на македонското општество, оваа стратегија ја зема еднаквоста и недискриминацијата како еден од основните свои принципи. Овој пристап е во согласност со предусловите за реализација на интеркултурализмот, кои ги вклучуваат: човековите права, демократијата и владеењето на правото, еднаквото достоинство и заемната почит, родовата еднаквост, совладувањето на бариерите што го спречуваат меѓукултурниот дијалог и земањето предвид на религиозната димензија.
ЗАБРАНА ЗА ДИСКРИМИНАЦИЈА
Забраната за дискриминација повлекува еднаквост пред законот и еднаква заштита со закон и подразбира отстранување на пречките за ефективна еднаквост, а што подразбира позитивна обврска за усвојување целни политики и, секогаш кога е потребно, посебни мерки.
Правната рамка за недискриминација и за еднаквост ја сочинуваат: Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори. Темелни вредности на нашиот уставен поредок се: основните слободи и права на човекот и на граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот.
Правото на недискриминација и на еднаквост е содржано во членот 9 од Уставот, каде што е предвидено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и во правата, независно од полот, расата, бојата на кожата, од националното и социјалното потекло, од политичкото и верското уверување, од имотната и општествената положба.
Сепак, и покрај правните гаранции, Извештајот од 2018 на Европската мрежа на експерти за недискриминација утврдува многубројни недостатоци, како во однос на законодавството во оваа област, така и во однос на неговото спроведување во пракса.
Тие ги вклучуваат недостигот од усогласеност во рамките на националното законодавство и меѓународните прописи, недоволно финансирање на националните институции за заштита на човекови права, култура на неказнивост на злосторства од говор од омраза, прашања на владеење на правото и намалена доверба во институциите, вклучително и правосудството, како и недостиг од независност на националното тело за еднаквост, и напади над граѓанското општество и активистите како критички гласови.
КОНЦЕПТОТ НА ЕДНО ОПШТЕСТВО
Во Стратегијата од суштинско значење за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам се потенцира јазикот и неговата употреба како главно средство и sine qua non за комуникација и интеракција помеѓу поединците, различните општествени групи и заедници во државата.
Стратегијата нагласува дека е потребно да се обезбедат сите услови за ефективна и квалитетна употреба на македонскиот јазик, на службените и другите јазици во сите сфери на национално и локално ниво и потребно е да се градат инклузивни јазични политики и да се преземаат позитивни мерки со кои ќе се постигне баланс меѓу употребата на службените јазици како заедничка основа за меѓукултурен дијалог и
интеграција на општеството, од една страна, и заштитата и напредувањето на јазичните права на секој поединец во приватниот и јавниот живот од друга страна.
Стратегијата, која ги вградува сите цивилизациски вредности на едно мултикултурно и мултинационално општество, многу тешко може реално да се спроведе и да заживее сè додека не почне Македонија да се гради како граѓанско општество, а не како национално општество и сè додека не се донесе Стратегија за зачувување на македонските национални интереси.
Македонија е една од ретките држави што нема Стратегија за зачувување на националните и државните интереси и истите ниту се определени и зацртани некаде, ниту околу нив постои единствен став и политичка согласност.
Истите единствено се спомнуваат во предизборието кога партиските очекувања се дека преку етнонационалистички ветувања ќе се добијат гласови. Стратегијата за зачувување на македонските национални интереси, воопшто, не е спротивна и во дискрепанца со моделот на граѓанското општество.
ЧУВАЊЕ НА НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ
Впрочем, една Франција, која е лулка на демократијата, еднаквоста и слободата љубоморно ги чува националните интереси. Определување на националните интереси е гаранција за нивно зачувување и во исто време е определување на границите и линиите преку кои ниту еден политичар нема да може да премине и да се пазари околу нив.
Со носење таква стратегија јасно и недвосмислено ќе се определат границите и исцртаат линиите на патот кон иднината на Македонија од кој ниту еден политичар нема да може да скршне, а националните интереси нема да можат да бидат паричка за поткусурување на нечии желби и апетити.
Никој нема да може да врши прекројување на историјата, окупаторите да ги смета за ослободители, фашистите за комунисти, да менува имиња и настани од минатото. Воедно, ваквата стратегија ќе ја оневозможи и позитивната дискриминација, која во мигот се случува во нашата држава и ја поткопува и државата и институциите, но и демократските процеси.
Позитивна дискриминација е термин што се употребува за дискриминација против членовите на мнозинската заедница во корист на малцинствата. Ваквата позитивна дискриминација е присутна на секој чекор и тоа од уписите на факултет, каде што понеквалитетниот и полошо рангираниот се прима само затоа што припаѓа на малцинската група пред поквалитетниот и подобро рангираниот од македонската националност.
Ова нужно создава паралелни системи, паралелни училишта, факултети, универзитети, ранг-листи, знаења, приоритети и привилегии.
Ваквите позитивни дискриминации понатаму се рефлектираат во јавната администрација, која само поради нечија национална припадност без какви било други квалитети мора да му ги отвори вратите и да го вработи.
Истото се случува и во МВР и во Армијата, судството, обвинителството… Покрај поткопувањето на квалитетот, еднаквиот пристап до позициите, знаењето и умеењето како критериум се отфрлаат, но се врши и онеспособување и разнебитување на институциите.
КАКО ДО ГРАЃАНСКО ОПШТЕСТВО?
Еден од еклатантните примери е Судскиот совет, кој поради Бадентеровиот принцип им овозможува на малцинствата блокирање на секоја одлука донесена од мнозинството. На секои избори македонските партии освојуваат 5/6 од вкупните гласови, но, сепак, не составуваат влада, туку се должни да коалицираат со албанска партија.
Ваквите решенија и пракса не водат кон создавање граѓанско општество, туку генерираат неспособност, некадарност, квази демократија, гетоизирање и наместо заеднички живот создаваат привид на соживот, кој не е ништо друго до обично битисување на едни покрај други.
Граѓанското општество познава национална припадност како лична определба, која треба да се негува од аспект на културата, традицијата, јазикот, обичаите, но никако не е ниту може да биде услов за привилегирање по кој било основ.
Во граѓанското општество, сите граѓани се еднакви и единствено мерило за напредување е знаењето, умеењето и квалитетот, а никако националната или верската припадност.
Во граѓанското општество сите се еднакви пред законот, сите плаќаат даноци на државата, сите имаат еднакви права и обврски и сите се лојални кон државата, во која живеат без оглед на националната припадност, културните обележја и јазикот што го негуваат. Само и единствено така можеме да напредуваме и да се развиваме заедно, а да не си бидеме едни на други камен врзан околу вратот што нè влече надолу.