Пожарот кој вчера утрото избувна во станбена зграда во Чаир сè уште е активен соопштуваат од ЦУК. Борбата на пожарникарите за гасење на пожарот во подрумски простории траеше во текот на целата ноќ. На помош било повикано и специјално противпожарно возило на Армијата.
Гаснењето на пожарот се одвиваше отежнато поради големата количина на чад и високата температура во подрумите во кои била складирана поголема количина на запаливи материјали.
Запалената пластика предизвика многу високи температури кои сериозно ја оштетија бетонската конструкција на зградата, а тоа значи дека е нарушена и статиката на целиот објект.
Вкупно 43 лица се хоспитализирани по пожарот во зграда во Чаир што избувна вчера утрото. На Клиниката за токсикологија биле примени 31 пациент, од кои пет се задржани на болничко лекување. На Детската клиника биле примени 12 деца, од кои две се задржани на лекување. Сите пациенти се во стабилна состојба.