Се уште е активен шумскиот пожар што избувна денеска над велешкото езеро „Младост“. Пожарот во моментов се шири кон селото Новачани.
Како што информираат од ТППЕ Велес за МИА, поради силниот ветер пожарот се раширил во два правца, кон велешкото езеро и кон селото Отовица. Во опасност биле првите куќи, односно оние што се блиску до железничката пруга. Постои опасност, поради ветрот огнената стихија да се прошири и кон автопатот Скопје – Велес.
Во пожарот досега не се зафатени хотелите и куќите од викенд населбата. Нема жртви, ниту повредени.
Со пожарот е зафатена борова шума, а во неговото гаснење се вклучени екипите на Територијалната противпожарна единица Велес. Ним им помагаат и пожарникарите од Кавадарци, Штип и Свети Николе.
Со два авиона од воздух во гаснењето на огнената стихија е вклучена и Дирекцијата за заштита и спасување. Активирана е и подрачната единица на Општина Велес и останатите надлежни институции, како Армијата со еден хеликоптер, и полицијата.