Во пожарот во прилепската конфекциска продавница „Тила“ изгорело сѐ, соопштија двете сопственички на овој бренд, но сепак порачаа дека ќе продолжат со работа и дека производството ќе продолжи во најбрз можен рок.
-Драги наши пријатели, за оние кои сеуште не се информирани, со многу тешко срце и голема болка во душата, Ве информираме дека вчера на 21.04.2023 г во фабриката Тила изби пожар во кој за жал изгоре се! Причините за пожарот за жал сè уште не се познати и се чека од страна на надлежните органи на утврдување на истите како и на процена на направената штета. Во моментот на избивањето на пожарот фабриката не работеше и нема повредени, се вели во објавата на Фејсбук.
Сепак тие порачуваат дека производството ќе продолжи дека продавниците нема да се затворат.
-За оние кои не знаат брендот Тила е дело и креација на две сестри кои со помош на нивната семејна компанија конфекција Хатра започнуваат со креирање и менаџирање на компанијата уште во своите рани 20ти години! Брендот Тила го градиме веќе 15 години и со години беше и е единствен македонски бренд на детска облека кој функционира професионално од типот на дизајнерските брендови. Создаден е со премногу љубов, преголем труд и чесна и макотрпна работа. Тоа што ни се случи е премногу болно и тешко за нас бидејќи е вложен многудишен труд и средства за да изградиме современа фабрика и висок стандард на квалитет на нашиот бренд. Сакаме да Ве информираме дека нашите продажни места и понатаму ќе продолжат со работа, а благодарение на нашите пријатели и нивната подршка производниот процес ќе го продолжиме во најбрз можен рок, додаваат тие.
Продавници од овој бренд има во сите поголеми трговски центри во Скопје, а сопствениците велат дека објектот бил осигуран.