Пожарот што втор ден тлее во Општина Чашка од утринава поради ветар повторно се активира, информира директорката на Шумското стопанство „Бабуна“ – Велес, Жаклина Гушева, за МИА. Таа вели дека десет вработени во претпријатието неколку дена се обидуваат да го стават под контрола огнот, но поради разгорување утринава упатиле итен повик до Центарот за управување со кризи барајќи воздушна поддршка во гаснењето на пожарот.
Вчера во гаснењето на пожарот биле вклучени два хеликоптери – еден армиски и еден на Министерството за внатрешни работи.
Додека пожарот зема замав и се шири кон мешаната дабова и букова шума на планинскиот масив на Азот во Општина Чашка, од Министерството за внатрешни работи соопштија дека вчера напладне било уапсено лице од селото Ореше што признало дека сторило кривично дело предизвикување општа опасност.

“Се сомничи дека на 06.08.2024 околу 12 часот предизвикал пожар во реонот на с. Папрадиште кон с. Ореше, при што изгорела поголема површина со нискостеблеста шума и остатоци од сеча. Од него биле одземени предмети за кои постои сомнение дека се поврзани со делото, а во службен разговор во полициска станица тој го признал делото“,велат од МВР.
За настанот е известен јавен обвинител и е поднесена кривична пријава.
Претходно полицијата приведе неколку лица од Прилеп, Свети Николе и Радовишко поради подметнување пожари.