Државниот инспекторат за животна средина информираше дека денеска извршил вонреден инспекциски надзор во Макстил заради пожарот што избил на место за припрема на старо отпадно железо во погонот Челичарница, кој не работи од 29 април.
„Врз основа на податоците од Државниот Автоматски Мониторинг Систем за Квалитет на Воздухот, во текот на ден 11.05.2018 година е забележано зголемување на концентрациите на РМ10 во 03 часот наутро на мерното место Гази Баба (кај ПМФ) часовната концентрација била 228.02 микрограми на метар кубен и на мерното место Ректорат часовната концентрација била 137.22 микрограми на метар кубен. Веќе од 5 часот, евидентирано е намалување на концентрациите“, велат од Инспекторатот.
Од таму додаваат дека Макстил до Министерството за животна средина и просторно планирање, согласно А-Дозволата за усогласување со оперативен план, во октомври 2015 година има доставено Програма со дефинирани критични точки, односно потенцијални места на несакани дејствија во однос на загадувањето на животната средина каде има и дел за заштита од пожари.