Тажна и пустошна е денеска сликата во селото Чаниште, Мариовско, по големиот пожар што вчера зафати дел од селото и уништи повеќе од 15 куќи и други објекти.
Пожарот избувнал околу 13:30 часот надвор од селото, но поради силното ширење на огнената стихија за кратко време стигнал до куќите. Во Чаниште живеат околу десет жители, кои заедно со пожарникарите и останатите екипи се обидувале да го спречат огнот да зафати уште објекти.
Ситуацијата била особено опасна поради неексплодираните гранати кои потекнуваат од Првата светска војна. За време на пожарот биле слушнати повеќе експлозии, дел од нив надвор од селото и во негова близина, што дополнително го отежнувало движењето и интервенцијата на екипите.
И денеска продолжува интервенцијата на терен. Во гаснењето и спречувањето на повторното ширење на огнот се вклучени екипи на ТППЕ Прилеп, Дирекцијата за заштита и спасување, Универзалната единица од Прилеп, „Македонски шуми“, доброволни противпожарни друштва, како и жители кои помагаат во справувањето со последиците од пожарот.
Од терен, градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, информираше дека општината обезбедила логистика, човечки ресурси, храна и вода за сите лица ангажирани во гаснењето.
Тој упати апел до граѓаните на максимална внимателност во периодот на зголемена опасност од пожари.
„Да не се палат стрништа, ниви, отпад и сува вегетација, да не се остава оган без надзор и граѓаните да бидат крајно внимателни при секое движење и работење во природа“, порача Проданоски.
Жителите на Чаниште, кои сè уште се во шок по вчерашниот пожар, стравуваат од повторно разгорување на огнот. Зад нив остана голема материјална штета, но за среќа, во пожарот нема повредени лица.