Што изјави Ахмети за „Фокус“ околу планот за поделба: Понудата ми дојде на маса од Џафери, но идејата беше на Владата!

Во 2001 година јас имав понуда за поделба на Македонија. За мене тоа беше неприфатливо. Јас да се согласев, Македонија ќе се поделеше. Но, како ќе го направевме тоа? Потоа Македонија немаше да постои. Ќе се вклучеа Бугарија, Србија, Албанија, Косово... Мене понудата ми беше на маса. Од Арбен Џафери, но тој дојде во име на некој друг. Утредента излезе МАНУ, но идејата не беше на МАНУ. Од Владата беше... - изјави своевремено Али Ахмети во интервју за „Фокус“.

by vlatko 17:44
17:44

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во интервју за неделникот „Фокус“ пред неколку години, говореше и за идејата за поделба на Македонија во конфликтната 2001 година, која како тема се реактуелизираше сега, по повод 25 години од потпишувањето на Рамковниот договор. Како што рече своевремено Ахмети, понудата на маса му ја доставил поранешниот лидер на ДПА Арбен Џафери, но, според него, Џафери доаѓал во име на друг, односно во име на Владата.

Јубилејот на Рамковниот договор ја воскресна темата за поделба на Македонија: Кој бил вклучен во контроверзниот процес?

Можеби сум преголем оптимист, но гледам волја кај двете страни да го зборуваат јазикот на другиот. Во Собранието пратеници-Македонци ми зборуваат албански. Колку зборови знаат, тоа е друго. Гледам политичари, функционери, колку знаат зборуваат на албански. И вие ми рековте „мердита“ кога дојдовте, јас ви реков „здраво“. Мислам дека јазиците ги зближуваат луѓето, а не ги делат.

Но, политичките партии треба повеќе да работат, тие го инфицираат народот, масите. Тие немаат приоритети што носат стабилност, туку популизам. Ние имаме фолклорна маса. Многу полесно е да се манипулира фолклорната маса. Ние треба рационално да делуваме, а не емоционално, популистички. Треба да бидеме многу рационални.

Ние немаме одвоена иднина. Иднината треба заедно да ја изградиме. Доколку ги храниме националните чувства, нема да победат ни Македонците, ни Албанците. Тогаш, да ја поделиме Македонија, а како да ја поделиме? Политичарите немаат храброст да излезат… Во 2001 година јас имав понуда за поделба на Македонија. За мене тоа беше неприфатливо.

Јас да се согласев, Македонија ќе се поделеше. Но, како ќе го направевме тоа? Потоа Македонија немаше да постои. Ќе се вклучеа Бугарија, Србија, Албанија, Косово… Мене понудата ми беше на маса. Од Арбен Џафери, но тој дојде во име на некој друг. Утредента излезе МАНУ, но идејата не беше на МАНУ. Од Владата беше… – рече Ахмети во интервјуто за неделникот „Фокус“ во 2019 година.

Како што е познато, претседател на Владата во кризната 2001 година беше Љубчо Георгиевски, кој, исто така во интервју за „Фокус“ дадено во 2023 година, откри детали како и зошто се родила идејата за поделба на Македонија, која всушност, според него, претставува концепт за размена на територии и население. Говорејќи кој се бил вклучен и запознаен со овој процес, и Георгиевски го споменува Џафери, велејќи дека нему му ја образложил идејата, по што тој му одговорил дека „мора да разговара“.

На ниво на владата не се зборуваше, но за тој муабет имаше согласност меѓу мене како премиер, Борис Трајковски како претседател, Стојан Андов и Доста Димовска беа вклучени во таа дискусија. Сите тие имаа афирмативен став. Не е некоја тајна дека Трајковски самиот му има кажано на Зоран Димитровски, дури без моја консултација, да го објави тоа во весникот „Вечер“. Исто така, мислам дека Трајковски тоа го има разговарано и со Бранко Црвенковски.

Од друга страна, морам да кажам дека независно од нас, на една средба со тројца академици, на која беа претседателот на МАНУ, Ѓорги Ефремов, Ѓеорги Старделов и Блаже РистовскиИ тројцата таа идеја ја споделуваа пред мене без никаков притисок, дури иницијативата на муабетот тргна од нив. Ефремов остана доследен до крај на идејата, а другите двајца се повлекоа од дискусијата. И, морам да кажам дека и некои црковни лица беа запознаени…

Оваа идеја не беше идеја на авантуризам, туку на најодговорни луѓе, кои во тоа време ја водеа државата и на некој начин спонтано оценија дека тоа е решение за тој момент, но и за иднината на Македонија. Идејата ја образложив кај Арбен Џафери. Тоа прашање му го отворив. Тој ми рече дека за него ова можеби е некакво решение, но мора да разговара. Со кој разговараше, на кое ниво и каде, не знам. Но, по десетина дена ми рече дека во овој момент не може да го продолжи тој разговор – рече Георгиевски.

Иако од исказите на Георгиевски и Ахмети дефинитивно произлегува дека Џафери бил линкот и посредникот меѓу нив двајца во контекст на контроверзната тема за поделба на Македонија, што прво беше декларирано како цел во почетните коминикеа на ОНА, а потоа очигледно ја прифаќа и тогашното државно раководство, сепак, наследникот на Џафери на лидерската позиција на ДПА, Мендух Тачи, деновиве негираше дека не постоел план за размена на територии и население на хартија.

За поделбата на Македонија не постоел документ. Тоа беше идеја на неколку псевдоакадемици, инструирани од УДБА на Србија. Тоа не беше идеја на Академијата на науките, а ниту Арбен Џафери имал документ, затоа што таков не постои. На Али Ахмети тогаш УДБА му кажа: ова е патот по кој можеш да го урнеш политичкото организирање на Албанците. И тој зборува неврзано, дека наводно постоел документ – изјави Тачи.

Инаку, поранешниот претседател, Стево Пендаровски, кој претходно беше советник за национална безбедност на двајца негови претходници – Црвенковски и Трајковски (Трајковски беше шеф на државата за време на воениот конфликт и потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, кога Пендаровски, пак, беше дел од МВР), смета дека клучна причина за пропаѓање или неуспех на идејата за поделба на Македонија во 2001 година било противењето на меѓународниот фактор.

Според сведочењето на дел од актерите, другата страна ја отфрлила таа идеја (за поделба) затоа што не сакала да добие толку мала територија. Според мене, клучно беше противењето на меѓународниот фактор. Пентагон имаше направено проценка дека размената на луѓе и територии е невозможна без големо крвопролевање, при што поделбата на Скопје би предизвикала најголеми загуби во луѓе, а најголемата концентрација на Албанци живеат во Скопје, над 100 илјади – рече неодамна Пендаровски во интервју за „Фокус“.

И поранешниот премиер и министер за одбрана, Владо Бучковски, изјави дека воениот конфликт не бил започнат само за правата на Албанците, туку, како што истакна, на почетокот постоела тенденција дека треба да се освои територија и да се направи обид да се подели Македонија. Сепак, како што рече тој, потоа се вклучила меѓународната заедница, по што ваквиот план бил осуетен.

-Вклучувањето на меѓународната заедница, срамежливо покажувањето на првиот предлог на Фровик дека ќе дојде до разоружување, дека потоа треба да има еден сериозен политички процес, беше воден од меѓународната заедница на начин кој го приближуваше и Ахмети од терорист, екстремист, водач на паравоената ОНА, да се трансформира во лидер на политичка партија, ценејќи го расположението на албанскиот етникум во тој момент… Не беше на почетокот отворен воениот конфликт само за правата на Албанците. Тлееше веројатно тенденцијата дека треба да се освои територија – посочи Бучковски.

Планот за поделба во 2001 пропаднал поради проценка на Пентагон дека тоа е невозможно без големо крвопролевање!

Влатко Стојановски

Слични вести