Пожарот во кафулето Барон бил подметнат, а скопското обвинителство истражува дали палењето на кафичот е поврзано со убиството на Зељкиф Туша, таткото на Гани Туша, осомничен за убиството на водачите на Дуќанџик, Орхан Бајрами Оки и Јетон Кривањева Жила.
-Во однос на пожар во угостителски објект во Чаир, увид извршила увидна екипа на МВР. Подигнати се траги од лице место, обезбедени се снимки од видео надзор. Според првичните сознанија, пожарот е подметнат. Се постапува за откривање на сторителите и за проверка на евентуална поврзаност на двата настани, соопштија од Обвинителството.
Туша всушност е припадник на релативно новата група во скопското подземје Барон која името го добила токму по запаленото кафуле.
Во неа членуваат повратници од боиштата, а Туша сега е во притвор во затворот во Шутка.
Телото на неговиот татко беше најдено вчера попладне на локалниот пат меѓу Горно и Долно Блаце со прострелна рана.
-Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на лице место во близина на Блаце, каде беше пронајдено безживотно тело на маж со прострелни рани.
При увидот подигнати се траги кои ќе бидат предмет на вештачење. Издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот, а јавниот обвинител даде насоки да се извршат проверки и да се преземат дејствија за обезбедување на докази, соопшти обвинителството.
Се истражува дали станува збор за крвна одмазда или пак продолжение на криминалните пресметки меѓу двете банди, од една страна Дуќанџик и Грчец, а од друга страна Барон и Беланоца.
Односно дали се работи за крвна одмазда за убиството на жител на Блаце кој беше убиен во 2017 година или пак одмазда на Дуќанџик чии водачи беа убиени, а нивните убиства се поврзуваа токму со Барон.
Ф.Ф.С.