Тешко оди гаснењето на пожарот на планината Серта. Чадот ги оневозможува ер-тракторите и хеликоптерите да ја постигнат потребната висина за гаснење.
„Воспоставувањето на контрола врз пожарот на планината Серта е многу тешко. Гори покрај самиот пат. Силите се исцрпени на повеќе места. Ефектот од леталата беше добар, но чадот го отежнува летањето на хеликоптерите. Исклучително тежок терен за гаснење на овој масивен пожар кој што зафаќа огромна територија од планината Серта“ изјави директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Тој додаде дека огнот се гасне само од земја, нема летала бидејќи не е безбедно поради чадот, кој што не им дозволува на леталата да ја достигнат потребната висина. Кај стрелиштето Криволак се слушаат експлозии и истрели од неиспукани гранати и куршуми и други неексплодирани средства. Безбедноста на гасачите е на прво место, нагласи Ангелов.
„Ќе се обидеме со пресеки за локализирање на пожарот, но и тоа е многу тешко бидејќи се работи за исклучително стрмен терен“ рече Ангелов.
Планинскиот пат преку Серта е затворен. Полицајци, пожарникари, војници, вработени на Национални шуми се ма терен.