Пожарот на Галичица се спушти на 1.600 метри надморска височина

by fokus

Еден хелихоптер на Воздухопловниот ВИНГ попладнево се вклучи во гаснењето на пожарот на планината ,,Галичица” кој е активен на непристапен потег.

Како што информираше градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиевски, хеликоптерот е на Армијата на Република Северна Македонија, а се работи за пожарот кој што влезе од Албанија пред шест дена.

– Синоќа се смени ветрот и се спушти подолу и денеска мораше да се интервенира со хеликоптер. Денеска со еден, утре најверојатно со два, а ќе има и интервенција со луѓе, изјави градоначалникот.

Изминатите шест дена високо на Галичица гореше ниска трева, а веќе од синоќа е зафатен мал дел од шумата, долу на 1.600 метри надморска височина.

Според најавите во текот на утрешниот ден ќе се делува со две летала од воздух. А ќе интервенираат и претставници на Центарот за управување со кризи, НП „Галичица“, Дирекција за заштита и спасување, Територијалната противпожарна единица од Охрид и Службата за спасување на планина од охридскиот Црвен крст.

Од Општина Охрид велат дека се разгледува можноста да бидат вклучени и доброволци, доколку е тоа потребно.

Поврзани новости