Пожарот на Галичица е ставен под контрола по 12-дневна битка во која учествуваа над 120 пожарникари, волонтери и авиони. Но, и покрај тоа што ситуацијата е стабилна, мониторингот продолжува. Претпазливоста останува од суштинско значење, бидејќи жариштата постојат и потенцијално би можеле повторно да го разгорат пламенот.
За време на интензивните напори за гаснење пожари, над сто детонации од гранати од голем калибар, остатоци од Првата светска војна, ја искомплицираа работата. Вчера пожарникарите го гаснеа пожарот од три фронта низ периметар од 10 километри. Приближно 120 пожарникари, волонтери и персонал на Националниот парк, поддржани од 5 авиони, 3 ертрактори и 2 хеликоптери, успеаја да го стават под контрола пожарот на источниот фронт.
Денеска, пак, 100 пожарникари продолжуваат да работат на прицврстување на противпожарните појаси и следење на претходно погодените подрачја. Иако ситуацијата е под контрола, но близината на пожарот на само два километри во Албанија бара постојана будност. Вчера во гаснењето на пожарот на албанска страна асистираа и меѓународни противпожарни авиони.
-Во моментов на терен имаме околу 100 пожарникари, од кои една третина е стационирана на тој простор. Обезбедени се противпожарните појаси и претходните жаришта. Иако ситуацијата е под контрола, внимателно ја следиме како мерка на претпазливост. Пожарот е оддалечен само два километри во Албанија, што може да претставува предизвик доколку повторно се прошири, вчера беа распоредени и меѓународни авиони за помош на албанската страна – изјави началникот на противпожарната заштита на НП Галичица, Ѓуро Јовчески.