Градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска, по пожарот кој избувна во фабриката „Треска“, изјави дека пожарот е најверојатно подметнат, а за тоа, според нејзините кажувања, сведочеле и жителите на таа околина кои велат дека виделе неколку сомнителни лица во објектот.
-Пожарот е локализиран, имаше фантастична реакција на нашата протипожарна бригада. 55 пожарникари беа излезени на терен, работеа и веќе изминатите 2 часа сме тука и она кое што сакам да го кажам е дека од индициите кои што ги имаме најверојатно се работи за пожар кој што е започнат на потегот како што ми спомна командирот, со сомнение дека има лица кои што го подметнале. Тоа е информација која што ја добивме и од соседите кои што живеат тука и непосредно виделе лица кои што има на овој потег – изјави Арсовска.
Таа додаде дека се надева дека институциите ќе сторат се што е во нивна надлежност да преземат мерки и да не се дозволи граѓаните да бидат во опасност.