Пожарот кај Светиниколско утринава се уште е активен, соопштуваат од Центарот за управување со кризи.
Според директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, фронтот на огнот е многу широк, но населените места не се во опасност.
На терен работат пожарникари, а како што вели Ангелов во приправност има доволно припадници на Армијата кои се вклучуваат во гаснењето на пожарот на барање на локалните командири.
Во текот на денот, на овој пожар Ангелов вели дека ќе делуваат еден армиски хеликоптер „ми-17“, како и трите „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување.
Пожарот во Светиниколско е активен од вчера попладне и направи огромна штета на имотите на жителите.
Градоначалникот на Свети Николе, Дејан Владев, вчера рече дека пожари има во атарот на селата Орел, Немањици, Малино, Ерџелија, Делисенци и други места.
Во гасењето учестваа пожарникарите од Свети Николе, Велес, Штип, Неготино, Кавадарци, АРМ, хеликоптери и многу доброволци кои несебично цел ден гасеа пожари.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, посочи дека пожарите поради ветрот брзо да се шират, а зафатија околу 12 села, каде што изгореа и многу куќи, дел од нив стари, но и нови.
Според него, при евакуација на жителите, имале проблем со дел од жителите на селото Немањици, Светиниколско, што не сакале да ги напуштат куќите.
За пожарот над Прилеп, од каде синоќа беше последната информација дека гори, од ЦУК велат дека во голем дел е ставен под контрола. Доцна во ноќта, додаваат оттаму, е спасен и манастирот.