Цела ноќ траеше битката на пожарникарите со пожарот што сè уште е вон контрола во североисточниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, а огнените јазици предизвикаа материјална штета на куќи, изгореа домови и досега беа евакуирани жителите на најмалку десет населби, јави дописничката на МИА од Атина.
Шумскиот пожар избувна вчера, кусо по 17 часот од планината Пендели и поради силниот ветер, се спушти и брзо се прошири кон населените места, заземајќи големи размери со активни жаришта во повеќе населби и во близина на домови.
Портпаролот на противпожарната служба на Грција Јанис Артопиос, утрово рече дека ноќта беше тешка, а ветерот со брзина од над 80 километри на час, постојано менувал правец што дополнително го отежнуваше гаснењето на пожарот.
Со разденувањето одново почнаа да интервенираат и воздушните средства, а во гаснењето на пожарот учествуваат 485 пожарникари, заедно со пожарникарите од Романија кои се во Грција, 28 пешадиски тима, 120 противпожарни возила, пожарникари волонтери и цистерни од општините, а од воздух пет авиони и четири хеликоптери.
Во пожарот помагаат и припадници на армијата, но и на полицијата, која отстапи 626 полицајци со 232 возила.