Пожарот кој во четвртокот околу 16 часот изби на Армискиот полигон Криволак се уште е активен, но бил ставен под контрола, денес информираше Центарот за управување со кризи.
-Во Општина Неготино, пожарот кај армискиот полигон Криволак во правец штипско рамниште од неготинка страна е ставен под контрола, наведено е во соопштението на ЦУК, од каде известуваат дека од 35 пожари на отворено од последното деноноќие, утрово се активни 12.
Пожарот во Општина Неготино пак, кај село Калањево, е изгаснат.
За пожарот на Армискиот полигон Криволак, поради кој во четвртокот цел град беше прекриен со густ чад, од Генералштабот на Армијата информираа дека се опожариле стари дотраени објекти кои не биле од критично значење и се користеле како помошни простории за време на логорувања.
Исто така, истакнаа дека во рамки на командата на полигонот има доволнен број на противпожарни средства и опрема, како и персонал во постојана готовност за навремено ангажирање за спречување на опожарување на секој објект од посебно значење.
Од здружението на граѓани Ековита од Неготино пак, кое има поставено мрежа од десет индикаторски мерни станици во Неготино и околните места и континуирано го мерат загадувањето, изјавија дека пожарот предизвикал значителна аерозагаденост.
-Околу 17 часот, во четвртокот, индикаторските станици регистрираа 9 пати повисока загаденост од дозволените 50 микрограми на метар кубен, достигнувајќи 425 микрограми на метар кубен. За среќа, овие вредности се задржаа само 15 минути, по што состојбата со аерозагаденоста се врати во нормални вредности.
Пожарот го зафати и единственото заштитено еколошко подрачје Орлово брдо, што претставува значителен удар за локалниот екосистем, соопштија од Ековита.
Вики Клинчарова