Пожарникари цела ноќ го спречуваа ширењето на пожарот кај Церово

by irena 08:23
08:23

Тетовските противпожарни екипи во текот ноќта водеа битка за локализирање на пожарот кај Церово во Општина Желино, со цел да се спречи негово натамошно ширење кон околината. Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, и командантот на Територијалната противпожарна единица Тетово, Авни Ахмети, беа на терен и директно ја координираа состојбата.

Екипите на ТППЕ Тетово беа распоредени на критичните точки околу селото Церово. Противпожарните единици интервенираа директно на теренот за да го запрат напредувањето на огнот и да го стават под целосна контрола во најкус можен рок.

Раководните лица на ЦУК и тетовската противпожарна бригада ја следат состојбата на терен за навремена реакција доколку има промена на условите.

Центарот за управување со кризи упати директен апел до граѓаните за зголемена претпазливост при движење и престој на отворено. Одговорното однесување во природата е од клучно значење за превенција од нови пожари во овој период.

Македонија и утрово се буди со активни пожари на повеќе локации.

Во деноноќието на 21/22.08.2026 година, до 07:30 часот, ЦУК известува за регистрирани се вкупно 27 пожари на отворен простор, од кои 9 се активни, 2 се под контрола, а 16 се изгаснати.

Но, денешната бројката од 27 пожари сама по себе не ја кажува целата приказна.

Меѓу активните пожари има и такви што зафаќаат шума. Во Општина Студеничани огнот се движи на релација Моране – Вртекица – Рамни Габер, каде гори мешана шума. Кај Кичево, во близина на селото Тајмиште, активен е пожар во високостеблеста букова шума. Во Македонски Брод огнот зафаќа ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки, додека кај Липково пожарот е во ниска вегетација и шума.

Најсложена е состојбата кај Прилеп, каде пожарот кај Чаниште има повеќе краци – кон Крушевица, Лопатица, Дуње и кон Црна Река.

Слични вести