Околу четириесетина куќи пеплосаа пожарите во светиниколските села Малино, Немањица и Орел. Дел од нив се стари, но има и такви во кои се уште се живее.
Ноќеска драматично беше и во селата Ерџелија и Мустафино, каде пламените јазици беа на само еден километар од првите куќи.
Пожарникари, вработени во јавните претпријатија со помош на местното население за да ги заштитат селата , цела ноќ со механизација правеле обрачи околу нив. За среќа огнот не успеал да ја пробие земјената барикада.
И денеска ветрот и е сојузник на огнената стихија, па затоа од ЦУК апелираат да се престане со палења на стрништа, а граѓаните да бидат крајно внимателни.
-Сувата вегетација, високите температури ќе допринесат за појава на нови пожари. Апелирам до сите земјоделци да престанат со палење на стрништата. Палењето на стрништа треба да го посматрат како обид за убиство, затоа што пожарот од тоа стрниште може да навлезе во блиската трева, оттаму во блиската шума, блиското село и да убие некој човек – изјави Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.