Пожарите во Австралија предизвикаа масовна евакуација, рекордно аерозагадување и погром на животни

by Фокус

Илјадници туристи денеска избегале од источното крајбрежје на Австралија, кое е зафатено од пожарите што деновиве ја пустошат државата. Истовремено, пак, на јужното крајбрежје армијата почна да ги евакуира заробените луѓе, пренесува „Спутник“.

Позитивна страна во целата несреќа е заладувањето, што им помага на пожарникарите во совладувањето на пожарот, а на граѓаните да ги обноват залихите. Возилата формираа долги колони на бензинските пумпи и во супермаркетите, додека сообраќајниот метеж доведе до колапс на повторно отворените автопатишта.

Но, властите најавуваат влошување на временските услови веќе во сабота со засилување на ветровите и со пораст на температурите. Властите информираа дека неделава биле уништени 381 куќи на јужниот брег на Нов Јужен Велс, а најмалку осуммина настрадале во оваа и во соседната сојузна држава Викторија, каде што во моментот горат повеќе од 200 пожари.


Државниот министер за сообраќај, Ендрју Констанс, посочи дека ова е најголемото масовно преселување луѓе од регионот некогаш забележано. Во пожарите во Австралија досега изгореа околу пет милиони хектари земја, најмалку 17 луѓе загинаа, а повеќе од 1.300 дома се уништени. Австралискиот премиер Скот Морисон изјави дека кризата ќе потрае најверојатно со месеци.

Поради чадот од пожарите, квалитетот на воздухот во главниот град Камбера денеска е најлош на светот, а ветровите го разнесуваат чадот кон Нов Зеланд. Во пожарите настрадаа речиси половина милијарда животни, при што се стравува дека некои видови се целосно искоренети.

Притоа, се проценува дека умреле околу 8.000 коали кои се најранливи бидејќи тешко се движат и се хранат само со листови од лесно запаливиот еукалиптус. Коалите се загрозен вид на кој му се заканува исчезнување.

Поврзани новости