Пожарите ставени под контрола, надлежните во 24-часовно дежурство

by Fokus

Пожарите кои избувнаа во земјава последниве два дена се ставени под контрола, заклучи синоќа Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи на седница на која беше разгледана подготвеноста за справување со огнените стихии.

– Пожарите коишто беа активни во Општина Берово, како и другите пожари низ државата се ставени под контрола. МВР, заедно со ЦУК, АРМ, ДЗС се во постојано 24-часовно дежурство и надгледување на пожарите, објави на Фејсбук министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој претседаваше со седницата на Комитетот.

На седницата се разговарало за мерките на претпазливост за спречување на пожари поради интензивната температура на воздухот што започна во нашата држава и е заклучено екипите да продолжат да работат во координација за гаснење на пожарот во Општина Берово.

Пожарот на територијата на Општина Берово, на границата меѓу селата Митрашинци и Будинарци до вчера до вечерните часови се уште беше активен, но беше спречено негово ширење.

Според него, во справувањето со пожарот и денеска ќе имаат поддршка од воздух од полициски хеликоптер, а додека ЕР ТРАКТОРОТ ќе биде активиран по потреба.

За пожарот кој се појави помеѓу делчевските села Разловци и Тработивиште вчера од Општината, повикувајќи се на информации од РЦУК, информираа дека истиот е изгаснат, односно дека екипи на Шумско Стопанство „Голак“ Делчево вршат обиколка на опожареното подрачје, со цел спречување негово повторно избувнување.

Во делчевската општина вчера во попладневните часови избувна пожар кај селото Очипала.

Пожар имаше и на падините на Плачковица, во атарот на виничкото село Блатец, но по интервенција на пожарникарите од Територијалните противпожарни единици од Кочани и Виница тој беше изгаснат во доцните попладневни часови.

Лани од почетокот на август територијата на државата ја зафатија околу 106 пожари од кои најлош беше оној во Малешевијата кај Берово, Пехчево и Делчево. Критично беше и во кумановскиот и прилепскиот регион, но и во селото Побожје. На терен заедно со нашите, интервенираа и екипите од Австрија, Словенија, Бугарија, Романија, Црна Гора и Франција.

Во државата уште на почетокот на август поради пожарите беше прогласена кризна состојба. Тогаш, според надлежните, дел од пожарите беа подметнати или предизвикани од невнимание на одредени луѓе и токму заради тоа повикуваа на посериозна одговорност.

Поврзани новости