Украинците ја потресоа Москва со најголемиот напад со дрон до сега. Уништени автомобили се расфрлани на паркинзи, оштетени се и згради, а на места настанале и мали кратери.
Во текот на ноќта Русија одби напад од дури 337 украински беспилотни летала, што е еден од најголемите напади на нејзина територија од почетокот на конфликтот во февруари 2022 година. Цел на нападот била и Москва, каде едно лице загинало, а неколку луѓе се ранети.
Овој инцидент се случи само неколку часа пред почетокот на преговорите меѓу украинските и американските претставници во Саудиска Арабија, каде ќе разговараат за можното решение на конфликтот.
Според официјалните податоци на руското Министерство за одбрана, 91 беспилотно летало било соборено во московската област, додека 126 биле уништени во областа Курск, која граничи со Украина. Други беспилотни летала беа насочени кон Брјанск, Белгород, Рјазан, Калуга, Воронеж и Нижни Новгород.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин изјави дека нападот на руската престолнина е еден од најголемите досега. Беспилотните летала го погодија селото Сапроново и градот Раменскоје, во пошироките предградија на Москва. На терен веднаш биле испратени спасувачки екипи.
Гувернерот на Московската област Андреј Воробјов потврди дека едно лице загинало, а три лица се ранети. Загина вработен во дистрибутивниот центар на агроиндустриската компанија Мираторг, чија инфраструктура исто така е оштетена.
Очевидци изјавиле дека гореле облакодери и автомобили, додека на фотографиите од местото на настанот се гледаат запалени станови, оштетени балкони и уништени паркинзи.
Според Воробјов, 12 лица, меѓу кои три деца, биле евакуирани од погодените згради.
Нападот предизвика прекини во воздушниот сообраќај – аеродромот Внуково ги прекина летовите, додека аеродромите Домодедово, Жуковски и Шереметјево воведоа привремени ограничувања. Воздухопловните власти соопштија дека мерките се преземени од безбедносни причини.
Иако напади со беспилотни летала меѓу Русија и Украина се случуваа и претходно, Москва ретко беше директно цел на напад.
Нападот доаѓа во време кога Украина планира да претстави план за делумно примирје со Русија за време на состанокот со американски претставници во Џеда, Саудиска Арабија.
Разговорите се прва средба на високо ниво меѓу Киев и Вашингтон по тензиите меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и американското раководство на крајот на февруари.