Голем број шумски пожари ја зафатија Црна Гора, слично како во соседна Хрватска, а најголем проблем во моментот е пожарот на полуостровот Луштица кај Тиват, каде ако ветерот продолжи да дува, ќе го донесе огнот до куќите.
Од населбата Понте Весло на полуостровот Луштица, беа евакуирани 40 луѓе. Неколкумина поради пожарот скокнале в море и чекале помош еден час. Засега нема повредени, а загрозените со чамци се префрлани во Здравствениот дом во Херцег Нови.
НАТО вети помош за справувањето со пожарите и се очекува таа да стигне денеска.
„Побаравме помош од Механизмот за цивилна заштита на Европската комисија, во која се вклучени 34 земји. Барањето се разгледува во Брисел и постои можност да добиеме помош во авиони“, изјави министерот за внатрешни работи на Црна Гора, Мевлудин Нухоџиќ.