Шест лица загинаа во пожар во хостел на четири ката во Нов Зеланд, соопшти новозеландскиот премиер Крис Хипкинс.
Хостелот Loafers Lodge во Њутаун, јужно од Велингтон, се запали нешто по полноќ. До зори, горните катови на зградата беа јагленисани.
„Тоа е апсолутна трагедија“, рече Хипкинс, додавајќи дека е потврдено дека загинале шест лица, но дека стравува дека бројот на жртвите може да биде поголем.
Пожарникарите соопштија дека се спасени 52 лица, од кои некои се засолниле на покривот. Но, неколку десетици се уште се водат како исчезнати.
Шест од повредените се префрлени во болница, а на 15-тина им била укажана помош на местото на настанот, според службите за итни случаи во Велингтон.
„Ваков пожар се случува само еднаш во десет години во Велингтон. Тоа е нашиот најголем кошмар“, изјави директорот на службата за итни случаи, Ник Пјат.
Според него, кога избувнал пожарот, во зградата имало околу 90 луѓе.