Пожар изби над туристичка населба Абланица во Беровско кај месноста Гарваново Андак. Според Центарот за управување со кризи, во пожарот кој избил вечерва зафатена е висококвалитетна борова шума.
Поради новонастанатата состојба, градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски, вечерва преку објава на Фејсбук упати апел до граѓаните да се вклучат го гаснењето на пожарот.
„Доколку во најскоро време не се стави под контрола, може да биде фатално, поради густата борова шума која ја има во овој дел. Потребна е помош за гаснење на пожарот, па се молат сите кои се во можност активно да се вклучат во гаснењето на пожарот, заедно со нашите пожарникари“, порача градоначалникот.
Во меѓувреме, директорот на ЦУК Стојанче Ангелов информираше дека пожарот во Беровско е локализиран, како и дека екипите на ТППЕ Берово и Национални шуми продолжуваат со работа со надеж за целосно гаснење во текот на ноќта.
-Доколку пожарот е активен и наутро ќе бидат упатени еден армиски и еден полициски хеликоптер како и два „ер трактори“ на ДЗС. За подршка се подготвени и три пинцгауери, а по потреба и повеќе – рече тој.