Повторно започна црната кампања со погребување на живи луѓе!

by fokus

Црната предизборна кампања со објавување на некролози на живи луѓе повторно започна. Денес социјалните мрежи ги преплави некролог со фотографија од лидерот на СДСМ, Зоран Заев. На фотографијата Заев е без коса, а во текстот пишува дека починал на 44 години од тешка болест – продавање на се македонско.

Објавата на некролози на живи политичари на социјалните мрежи не е нешто ново во земјава.
Пред три години, се одеше до таму, што дури и низ градовите, на јавни површини се лепеа некролози на пратеници од СДСМ.

Тогаш ,,Фокус” пишуваше за случајот кој што ја вознемири Тиквешијата, кога Кавадарци беше излепен со некролози на пратеникот Бетиан Китев. Граѓаните прашуваа до каде може да се оди со нечовечност, бидејќи родителите на Бетиан доволно се изнагледаа на некролози низ градот, кога пред повеќе години нивните две ќерки починаа во сообраќајна несреќа.

-Ова не е прв пат, истата црна кампања со некролози се случуваше и во 2013 година, за време на локалните избори. И низ други градови се лепеа некролози на пратеници од СДСМ, нема што да се коментира, самото дело кажува се – ни изјави Китев пред три години.

Пред четири години пак, во јавност се појавија и некролози на повеќе амбасадори во Македонија.

Исто така, во 2016 година актуелни беа фотографиите од наставничка во основното образование од Битола, која на партиски митинг на ВМРО ДПМНЕ носеше крст со името на Заев.
На новинарско прашање дали ќе ја тужи наставничката, тој одговори дека не помислува на тужба.

-Јас сум православен Христијанин, во Христијанството крстот е симбол на воскресението – изјави тогаш Заев.

Вики Клинчарова

Поврзани новости