Повторно пламна тетовската депонија

by fokus

Додека трае процесот за дислоцирање на тетовската депонија, во сметот повторно изби пожар. Како што кажуваат тетовчани смрдеата и денеска се шири низ градот. Пожарот се појавил синоќа, а утринава пожарникарни екипи се на терен каде се обидуваат да го локализираат.

Граѓаните кои живеат во близина велат дека бавно се одвива процесот на дислоцирање. Служби од комуналното претпријатие работат на собирање на отпадот само во прва смена. Прашуваат за која цел се поставени пожарникари да ја надгледуваат депонијата деноноќно, кога повторно пламна оган.

-Ништо од чистењето, ништо од чуварите. Со ова темпо ќе исчистат по шест месеци, и не е чистење, туку преместување од тука на место оддалечено еден километар. Ќе го релативизираат и пред избори ќе пратат 100 багери, па ќе се пофалат со прес конференција – велат жители на Тетово.

По пожарот изминатиов викенд Општина Тетово ангажираше фирма задолжена за транспортирање на сметот. Од Владата се одвоени 12 милиони денари за сметот да се натовари во камиони, да се компресира и да се пренесе во депонијата Дрисла или Русино кај Гостивар. Но жителите од селата околу Русино деновиве ги блокираа камионите со тетовскиот отпад, затоа што го носат сметот преку ден и покрај договорот да се транспортира во вечерните часови.

М.В.

Поврзани новости