Повторно идентична пресуда – казни затвор од по три години и шест месеци добија Исмет Гури и Ејуп Алими од ДУИ од Кривичен за случајот „Титаник 3“ поради уништување изборен материјал.
Денеска пресудата ја изрече судечки совет на чело со судијката Марија Клетничка-Марковска, а казните се исти како и во првиот судски процес.
Повтореното судење следува по првата првостепена пресуда, но Апелацискиот суд Скопје ја укина таа одлука и го врати случајот на почеток.
И денешната пресуда на Основниот кривичен суд не е правосилна, односно странките имаат право на жалба до Апелација која овојпат ќе треба да одлучи мериторно.
Алими и Гури за „Титаник 3“ добија обвинение во јуни 2017 година за делото уништување изборен материјал – се товареа дека на локалните избори во 2013 година менувале дел од записниците за гласањето во Чаир.
Првото судење започна во март 2018, а до пресуда дојде по две години – на 31 март 2020 година.
На затворските казни од три и пол години се жалеа и обвинетите, но и обвинителството кое не беше задоволно од висината на казните.
По повеќе од една година од првостепената одлука, на 28 јули 2021 година, Апелација соопшти дека ја укинува пресудата и го враќа предметот на повторно судење пред Кривичен од што исходот е денешната изречена пресуда.