Повторно се отвора коридорот за евакуација од северна Газа

by Fokus

Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска соопштија дека повторно ќе го отворат коридорот за евакуација на цивили од северниот дел на Газа на југ од енклавата, и покрај вчерашниот напад.

Портпаролот на ИДФ, Авичаи Адри изјави дека Израел денеска повторно ќе го отвори коридорот, и покрај тоа што израелските сили беа нападнати додека се обидуваа да го отворат патот, објави „Тајмс оф Израел“.

Адри на платформата Х напиша дека ги повикува цивилите поради безбедност да се евакуираат на југ надвор од Вади Газа.

Тој рече дека членовите на Хамас истрелале противтенковски гранати врз израелските војници кога тие се обиделе да го отворат патот, бидејќи, како што рече, сакале цивилите да останат како жив штит.

Околу 800.000 луѓе досега се евакуирани на југот на Појасот Газа, иако многумина инсистираа да останат на северот на енклавата, наведувајќи ги хуманитарните проблеми на југот на енклавата, каде што исто така се изведуваат израелски воздушни напади.

Израел го концентрираше најголемиот дел од своите воздушни и копнени сили во северниот дел на Газа, опколувајќи го градот Газа од три страни во обид да ги елиминира лидерите на Хамас.

Поврзани новости