Шкотската премиерка Никола Старџен денеска изјави дека е уверена дека втор референдум за независност на Шкотска може да се одржи во октомври следната година.
Британскиот Врховен суд во вторник започнува со сослушување на аргументите за дозволување гласање за отцепување без одобрение на британската премиерка Лиз Трас и нејзината влада.
На плебисцитот во 2014 година одобрен од британската влада, Шкотите ја отфрлија независноста со 55 проценти.
Сепак, Шкотската национална партија тврди дека гласањето за излегување на Британија од Европската унија две години подоцна ја променило ситуацијата.
Старџен тврди дека гласачите на изборите за шкотскиот Парламент минатата година ги поддржале партиите кои се залагаат за независност и дека се обврзани да поднесат предлог-закон за одржување референдум на 19 октомври 2023 година.
-Да почекаме да видиме што ќе каже судот. Убедена сум дека Шкотска ќе стане независна – рече Старџен.