Две маалски кучиња и неколку мачки вчера настрадале во населбата Саат Кула во Неготино, најверојатно од ланате, разорен отров кој е забранет во земјава, а сепак масовно распространет кога е труењето на животни во прашање.
Тамошните жители појаснуваат дека двете кучиња кои биле отруени долг период живееле во населбата, граѓаните им дале и имиња, и биле мирни. Не сфаќаат кому и зошто му сметале за да посегне по нивните животи, и реагираат дека мора да се стави крај на труењата на животни, кои претставуваат кривично дело.
Во населбата исто така има и и игралиште каде се собираат деца, а во близина на игралиштето биле отруени и неколку мачки.
Дали трујачот воопшто помислил дека негова жртва може да биде и дете кое поминува од таму, кое игра на тревата каде бил расфрлан отровот, дека лесно може било кој да дојде во допир со смртоносниот инсектицид?-прашуваат загрижено.
Реагираат дека не се чувствуваат безбедно, и ова не бил прв случај на труење кој се случил во тој дел на градот.
Минатата година жена од истата населба за ,,Фокус” вознемирено раскажуваше дека мачката од двор, дома и донела парче салама со ланате, и прашуваше што доколку не забележала на време, што доколку внучето дошло во допир со отровот, дали трујачот помислил дека може да настрада и дете.
-Имаме редовен трујач во населбата Саат Кула, имаме на улицата Индустриска, имаме кај зградите на излезот кон Кавадарци и кај зградите во близина на судот. Тоа се тие локации каде се оперира со ланате неколкупати годишно.
Ситуацијата е сериозна и институциите мора да се позанимаваат со овој проблем и конечно да се започне со решавање на вакави случаи кои се реална опасност за сите, како за животните кои умираат во агонија, така и за луѓето кои можат да дојдат во допир со отровот.
Неготино е земјоделски крај, народот знае каква е опасноста од ланате, забранетиот отров кој го има во секоја втора куќа, наводно за прскање на виновата лоза, а всушност и за труење на животни.
Да не им се дозволи на трујачите да продолжат со своите дела и со загрозувањето на општата безбедност, и да бидат изведени пред лицето на правдата додека не настрадал и човек – реагираат жители од населбата каде се случи вчерашното труење.
Минатата недела пак, пред зградите во близина на Основниот суд граѓани забележале парчиња салама со ланате, веднаш ја отстраниле и местото го измиле, затоа што таму си играат деца. Кога ги прашавме дали случајот го пријавиле во полиција, ни одговорија дека не пријавиле, бидејќи не помнат некогаш да се случило да биде откриен некој трујач и немаат верба дека такво нешто ќе се случи.
-Лани во заграден и затворен двор ни се случи да ни биде фрлено месо со ланате, и кучето кое го чувавме со години ни беше отруено. Трујачот не е пронајден – ни раскажа неготинец кој живее во близина на излезот кон Кавадарци, населба каде исто така редовно оперирал трујач.
Од СВР Велес за ,,Фокус” потврдија дека случајот од Саат Кула е пријавен во полиција, а повеќе детали најавија за утрешнот ден.
Се апелира до граѓаните секој случај на труење на животни да го пријават во полиција, која ќе постапи по службена должност.
Минатата недела и во кавадаречката населба Глишиќ беше отруено маалско куче, но трујачот за многу кратко време беше откриен и го признал делото, а случајот го потврдија од обвинителството.
Во Неготино, иако труењето на животни е редовна пракса, јавноста не се сеќава дека некој трујач бил откриен и против него била покрената постапка.
Исто така, минатата недела беа регистирани два случаи, еден во Кавадарци и еден во Демир Капија, кога возрасни мажи со воздушни пушки пукале кон кучиња на свои соседи и ги раниле.
Вики Клинчарова