Оштетена е спомен плочата на загинатите бранители кај месноста „Карпалак“, информираа денеска од Министерството за одбрана, осудувајќи го ваквиот чекор.
– Настанот е регистриран од страна на надлежните служби на Министерството, уште во утринските часови. Веднаш е пријавено во Министерството за внатрешни работи, за преземање соодветни мерки за идентификување на сторителите на овој немил чин. По соодветните дипломатски линии, случајот е пријавен и до меѓународната заедница – објави на Фејсбук министерот за одбрана – Владо Мисајлоски.
Министерството за одбрана соопшти дека презема активности за поставување нова спомен плоча, најбрзо што може.
– Во поглед на поставување спомен обележје на месноста „Карпалак“, информираме дека во изминатите седум години, преземени се иницијативи за поставување спомен обележје, што не се во согласност со законската регулатива од оваа област. Имено, не е земено предвид дека местото каде што е предвидено да се постави споменикот, е, заштитен појас каде може да се градат објекти во функција на автопатот и постојано се добивани негативни одговори од надлежните институции. Односно се преземени активности за да не се направи апсолутно ништо – се вели во објавата.
Се додава дека Министерството за одбрана, во координација со надлежните институции, ги разгледува сите законски можности за поставување достојно спомен обележје.
Реакција стигна и од МВР.
„Министерството за внатрешни работи најостро го осудува оштетувањето на спомен плочата кај Карпалак поставена во спомен на загинатите припадници на безбедносните сили во 2001 година и ја известуваме јавноста дека се преземаат сите потребни мерки и активности за расчистување на случајот и најстрого санкционирање на сторителот. Денеска (09.08.2024) во 11.05 ч. во СВР Тетово е пријавено дека е оштетена спомен плочата поставена кај Карпалак. По расчистување на случајот, соодветно ќе ја известиме јавноста“ се вели во соопштението.
Вчера во „Карпалак“ на патот Скопје – Тетово, беше одбележан трагичниот настан од пред 23 години, кога за време на конфликтот од 2001 година, конвој од бранителите беше нападнат од страна на терористите од т.н. ОНА.
Во нападот каде беа користени ракетни фрлачи и тешки митралези, животот го загубија 10 бранители, сите од Прилеп, кои со камиони се упатуваа кон касарната во Тетово.