Здружението на еколошки организации на Србија денеска повторно го блокираа сообраќајот на патиштата во повеќе градови во Србија, барајќи забрана за ископ на литиум, односно Владата на Србија да го повлече планот за посебна намена на рудникот Јадар.
Протестите почнаа околу 13 часот, а блокирани беа патиштата во Нови Сад, Прељина, Шабац, Лозница-Ваљево и патот Горња Недељица – Брезјак во западна Србија, каде што британско-австралиската компанија Рио Тинто планираше рудник за литиум.
Блокирана беше и Ибарската магистрала под мостот кај Прељина каде имаше инцидент, кога возач удри во жена која се обидувала да го спречи неговото поминување. Жената со Брза помош е пренесена во болницата во Чачак.
Во Белград неколку десетици граѓани десетина минути ја блокираа едната лента од меѓународниот автопат Е-75 на мостот Газела.
Насобраните изјавија дека се собрале самоиницијативно и дека нема организатори, а на протестот доминираа десничарски и антиваксерски пораки.
Српскиот претседател Александар Вучиќ реагираше на најавените блокади на патиштата во Србија.
Говорејќи пред новинарите во воената касарна во Панчево, тој изјави дека не ја гледа поентата на протестот и дека државата „ја завршила работата и ги прифатила и ги усвоила сите барања“.
-Што се однесува до Рио Тинто, нема да има никакви промени, никакви нови акции, никакви дејствија на Рио Тинто во иднина на кој било начин додека не разговараме за тоа меѓу себе на кој било начин, изјави Вучиќ.
Тој додаде дека е рано да се зборува за тоа, бидејќи државата се уште нема добиено студии за оцена на влијанието врз животната средина.
Фото: Рас Србија