Повредено и 10 годишно дете во сообраќајката кај Прилеп-Градско

by fokus

Во тешка сообраќајна несреќа, синоќа на патот Прилеп-Градско, загина еден маж, а неговата сопатничка и дете на возраст од 10 години се повредени.

-Возачот беше на околу 40 години, изваден со помош на противпожарната служба бидејќи по сообраќајката, беше приклештен во возилото. Беше неконтактибилен, во тешка општа состојба, со повеќе повреди по целото тело. Беше направена реанимација во кавадаречката болница, но, за жал, безуспешна, изјави докторот Ратко Грков за МИА.

Сопатничката, на возраст околу 30 години, била повредена, но, во стабилна општа состојба, свесна и ориентирана во време и простор, без видливи скршеници.

Повредено било и дете на возраст од околу десет години, со скршеници на двете бутни коски и десна подлактица.

– Сакам да им се заблагодарам на сите кои синоќа беа учесници во сообраќајот после сообраќајката и се најдоа на лице место, многу помогнаа, одамна не сум сретнал толку хумани луѓе. Тие дадоа несебична поддршка и помогнаа многу на екипите на брзата помош и противпожарната служба, нагласи Грков.

Сообраќајката се случи вчера во 17.55 часот на патот Прилеп-Градско, помеѓу ТМВ со полуприколка и ПМВ „голф“ управувано од Д. К. (1982) од Прилеп, кај кого во 19,30 часот е констатирана смрт.

Поврзани новости