Три дена тешка агонија преживеа коњот кому луѓето кои го спасија му го дале името Дорчо, а откако пред два дена беше преземен од страна на лица ангажирани од Општина Кавадарци, и транспортиран во просториите на средното ветеринарно училиште во Прилеп. Тој конечно е во стабилна состојба, но му следи долг период на заздравување.
За него грижи ветеринарот Златко Димески, кој за ,,Фокус” вели дека борбата за Дорчо се уште трае, но го радува тоа што коњот и покрај сите трауми и повреди започнал да се храни, и му се нормализирала телесната температура, која во моментот на спасувањето била доста ниска.
Но, што се крие зад случајот со Дорчо, кој според проценките на ветеринарот е млад коњ на возраст од три до пет години, а лежеше повреден на превојот Плетвар, најверојатно удрен од поголемо возило, оставен да умира во агонија?
Уште една приказна од Македонија, која покажува колку е грижата за благосостојбата на животните на ниско ниво, но истовремено, колку е и грижата за јавната безбедност и превземањето на одговорност исто така на ниво под границите на здравото расудување.
Дорчо заедно со уште неколку коњи во изминатите две недели во повеќе наврати бил забележан на превојот Плетвар. Неодговорниот сопственик, дали самиот ги пуштил коњите или пак тие му побегнале, и со тоа ги загрози нивните животи, но и животите на учесниците во сообраќајот, кои минувале на тој дел од патот, се уште треба да се открие.
Неодговорното сопствеништво не е ретка појава во земјава, и за таквиот прекршок законот предвидува глоба, но и одземање на животните.
Јавноста досега има сведочено на низа на сообраќајни несреќи предизвикани од коњи, крави и друг добиток пуштен слободно да шета по јавните патишта. Освен со материјална штета, некои од несреќите завршија и со човечки жртви, но поради ниските казни, појавата на неодговорно сопствеништво, односно небезбедна благосостојба на животните, не е ништо ново кај нас.
Дури три дена, откако граѓани го забележале повредениот Дорчо и објавија апел за негово спасување, тој се уште беспомошно лежеше покрај патот. Здруженија за заштита на животните реагирале до Општина Прилеп, барајќи итно да се испрати помош, социјалните мрежи беа преполни со снимки и фотографии од коњот, активисти го означуваа прилепскиот градоначалник Борче Јовчески, како и ЈКП Комуналец Прилеп, но ниту една институција од означените не се огласи.
Помошта дојде завчера вечер, од страна на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, кој по апелот од страна на Здружението за заштита на животните ,,Шепи 2021” од Кавадарци и од прилепско здружение, ангажирал служби од општината, па со помош на повеќе лица, помеѓу кои и пожарникари од ТППЕ Кавадарци и ЈП Паркинг Кавадарци, Дорчо беше подигнат и транспортиран во Средното Општинско Училиште ,,Орде Чопела” во Прилеп, каде сега за него се грижи ветеринарниот лекар Златко Димески.
-На долен дел од ногата Дорчо има фрактура. Исто така, има и повреда на бутна коска, поради што сметаме дека бил удрен од поголемо, односно повисоко возило. Следи период на рехабилитација, се грижиме да не дојде до инфекција, а ако заздравувањето оди како што треба, можно е да биде потребна и хируршка интервенција.
Сакам да потенцирам дека сопственикот не е најден, коњот нема микрочип, што би требало да биде задолжително, но честа практика е да не се води грижа за оваа процедура.
Здружение за заштита на животните кое помогна во спасувањето на Дорчо моментално собира донации, потребно е да се купи електрична дигалка со сајла, која е специфична и изнесува околу 13.000 денари, во зависност од килажата која ја подига. Дорчо сигурно ќе остане овде да заздравува околу шест месеци, дигалката е неопходна за неговата состојба, всушност секоја помош е добредојдена – вели ветеринарниот лекар Димески.
Потенцира дека повеќе лица го информирале дека на тој дел од патот во изминатите две недели се движела поголема група на коњи, кои сега, по настанот не биле забележани. Што се случило со нив, дали несовесниот сопственик ги тргнал после случајот кој го предизвка вниманието на јавноста, или пак евентуално некоја институција ги згрижила, нема официјални информации.
Околу случајот, официјалната информација од СВР Битола е дека на 27.01.2024 во 22.18 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на патот Прилеп -Градско кај 35 км и 800 метри Ј.Д.(39) од Кичево додека управувал патничко моторно возило „шкода” со гевгелиски регистарски ознаки во кое бил со двајца сопатници,излегле група од коњи од кои едниот се удрил во предната страна од неговото возило.
-Известено е ЈП „ Македонија пат “ кои го отстраните коњот од коловозот. Во незгодата нема повредени лица, причинета е само материјална штета. Коњите се диви и немаат сопственици-тврдат од СВР Битола.
Кој и како утврдил дека станува збор за диви коњи, и каде се сега останатите коњи кои слободно се движеле по коловозот, нема официјална информација.
На констатацијата дека се работи за диви коњи, ветеринарниот лекар Димески саркастично коментира дека тоа е можно, единствено доколку живееме во Америка, односно на Дивиот Запад, и уверен е како коњите имаат сопственик.
И кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев за ,,Фокус” вели дека е разочаран од незаинтересираноста на МВР, како и на ЈП Македонија Пат околу целиот случај.
-Три дена здруженија од Прилеп и Кавадарци алармираа за коњот, и никој не мрдна со мал прст! Ние, како општина, самоиницијативно, откако ни се обратија активисти, со наши екипи отидовме на местото и со помош на пожарникари и ЈП Паркинзи успеавме да го подигнеме повреденото животно и да го транспортираме во Прилеп, во средното училиште, каде доби ветеринарна грижа.
Дали ЈП Македонија пат сметаат дека го решиле проблемот со тоа што го тргнале животното од коловозот, односно само го турнале на страна од патот, и го оставиле така повредено да лежи? Ова е сериозен проблем за кој институциите мора да најдат решение, мора да има служба која веднаш по прва доспеана пријава ќе реагира на соодветен и хуман начин- потенцира Јанчев.
Ветеринарот Димески пак, околу појаснувањето на СВР Битола, вели дека станува збор за кршење на низа на процедури и вакви работи се недозволиви во едно општество.
-Кога веќе лицето од возилото кое удрило во коњот пријавило во полиција, се знае текот на работите. На самото место се повикува ветеринарна инспекција, се повикува општинското комунално претпријатие, не смее ЈП Македонија Пат ниту да го поместува животното, ниту пак да го тргне од коловозот, а во случајов и да го остави таму на милост и немилост. Има процедура.
Ова е комплексна тема и нема оправдување за настанот. Потребно е да се обрати огромно внимание и околу одговорното сопствеништво, како и околу тоа кои се надлежнстите на институциите кога се во прашање животни оставени да се движат по пат, или конкретно, повредено животно на пат- вели ветеринарниот лекар.
Сличен случај со поголема група на коњи пуштени на коловоз имаше и пред две години, кај клучката Штип-Радовиш. ,,Фокус” реагираше во повеќе наврати, се објавија повеќе текстови, а беше пријавувано и во МВР неколкупати.
По два месеца апели, се случи сообраќајка, кога лице од Неготино со возило удри во коњите, при што помина само со материјална штета. Дури по несреќата, за која веднаш објавивме во ,,Фокус”, коњите беа тргнати од патот. Кој го стори тоа, дали лица од МВР, од ЈП Македонија Пат, или пак несовесниот сопственик, не успеавме да добиеме одговор од институциите.
Граѓани кои имале слични искуства и кои наишле на коњи или крави на коловоз, велат дека не знаат каде да пријават, и од која институција да очекуваат веднаш да излезе на местото на настанот и да ги отстрани животните, бидејќи сите најчесто се прогласуваат за ненадлежни.
Дали одговорноста е кај МВР, кај Агенција за храна и ветеринарство, кај ЈП Македонија Пат или пак кај општинските комунални претпријатија, нема конкретен одговор од институциите.
Како потсетување, во 2019 година проект вреден 1,6 милиони евра се реализираше со поддршка од Европската унија во рамки на ИПА 2015. Агенцијата за храна и ветеринарство беше носител на активностите на овој проект, односно кампања за подигнување на јавната свест за благосостојбата на работните коњи и потребата од унапредување на здравствената заштита и благосостојбата на оваа категорија животни, која претставува и сериозен сообраќаен и безбедносен проблем на патиштата, особено во урбаните средини. Во проектот беа зафатени и фармските животни, зајакнување на одговорното сопствеништво, благосостојба на животните за време на транспорт и друго.
По сите настани со запуштени коњи, а особено по последниот настан со Дорчо, се наметнува прашањето, дали и колку имал ефект овој проект вреден 1,6 милиони евра и што е сменето на подобро?!
Инаку, сите хумани граѓани кои се во можност да донираат за потребите на Дорчо и за купување на специјална дигалка за него, можат да донираат на жиро сметката на здружението ,,Шепи 2021” 270075030830145 Халк Банка, а ,,Фокус” ќе ја информира јавноста што ќе се случува со него понатаму.
Вики Клинчарова