Тринаесет патници во автобус „Ван Хол“ и двајца патници од други две возила се повредени во сообраќајката што се случила вчера во 14.20 часот на локалниот пат Банско-Муртино, а во која учествувале четири возила, информираат од МВР.
Според полицијата, во сударот учествувале автобус „Ван Хол“ со штипски регистарски ознаки, управуван од Б.К. (62) од Радовиш, автобус „неоплан“ со штипски регистарски ознаки, управуван од Ѓ.Ј. (59) од Градско Балдовци, теренско моторно возило „опел комбо“ со струмички регистарски ознаки, управувано од М.М. (51) од Радово и патничко возило „опел зафира“ со струмички регистарски ознаки, управувано од Р.И. (26) с.Банско.
Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил М.М., возач на теренското возило „опел комбо“, кој бил пренесен и задржан на лекување во Медицински центар Струмица.
Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Струмица.