Повреден мотоциклист во Неготино: Автомобилите паркирани пред маркетите – потенцијални убијци во градот

by fokus

Мотоциклист се здоби со тешки телесни повреди денес во Неготино, откако се судрил со автомобил во движење. Настанот се случил денес на пладне на улицата ,,Партизанска’’, а повредениот човек бил пренесен во здравствената установа во градот.

-Станува збор за судир помеѓу патнички автомобил и мотоцикл, а лицето кое управувало со мотоциклот се здобило со скршеници, односно со тешки телесни повреди, по што било пренесено најверојатно во здравствениот дом во Неготино. Од колегите кои излегле на терен дознаваме дека до несреќата најверојатно дошло поради непрегледност, односно на улицата имало голем број на паркирани возила – ни изјави портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски.

Очевидци на настанот кои живеат во непосредна близина на несреќата ни изјавија дека се многу потресени од глетката, но и како очекувале да се случи некоја трагедија. Според нив, неодамна на нивната улица се отворил маркет и постојано имале проблем со паркираните возила.

-Доаѓаат луѓе да пазарат, се доставува роба, постојано има народ. Сите ги оставаат возилата на улицата, намалена е прегледноста, а покрај тоа, во близина ни е и училиштето, овде се движат многу деца. Загрижени сме нивната безбедност. Планираме писмено да се обратиме до надлежните во општината, да бараме решение на проблемот со паркираните возила. Само прашање на време беше кога ќе се случи нешто вакво – ни изјави повозрасна жена која живее на ,,Партизанска’’.

На само стотина метри погоре, на спротивната улица владее истиот проблем. И таму, на улицата ,,Маршал Тито’’ во близина на неколку маркети постојано се паркираат возила и се загрозува безбедноста на пешаците, од кои повеќето се ученици во блиското основно училиште.

-Минатата недела овде, на пешачки премин ме удри кола. Целата улица беше преполна со паркирани автомобили, едвам се протнав помеѓу нив да стигнам до пешачкиот, кога автомобилот кој беше паркиран пред мене тргна назад. Со рака удрив по задното стакло, возачот ме виде и запре пред да завршам под тркалата. Пријавив во полиција, дојде нивно возило, се растргнаа паркираните автомобили, но само за кратко. Веќе наредниот ден истата слика се повтори. Имаме право на сообраќаен ред и безбедност и апелирам полициските службеници често да излегуваат на терен, посебно во овој дел на градот – ни изјави неготинчанка чиј идентитет е познат на нашата редакција.

Во изминатите години во неколку наврати родители на ученици апелираа да се постават лежечки полицајци на спорната улица поради сообраќајниот метеж кој владее таму, но општината не им излезе во пресрет.

Проблемот со недостиг на паркинг простор е присутен во градот подолг период. Градоначалникот Тони Делков неодамна изјави дека се работи на измените на генералниот урбанистички план, и во него ќе се најдат нов паркинг простор, како и изградба на кружни текови. Лошата навика на граѓаните да паркираат пред влезовите во маркетите во градот кога одат да пазарат е дополнителен проблем кој удира директно врз безбедноста на пешаците и останатите учесници во сообраќајот.

ФОТО: Аџи

Вики Клинчарова

Поврзани новости