Повод и причини за падот на експертската влада

by Фокус

Нерасположението на премиерот Кљусев со мојата работа, поддржано од еден број членови на владата, излезе на виделина на 17.6.1992. Тој ден, имено, премиерот направи нешто што веројатно е без преседан во парламентарната демократија: упати писмо до членовите на својата влада и, за нивно запознавање, до претседателот на републиката Глигоров и до претседателот на парламентот Андов. Во тоа писмо се изразува незадоволство со работата на Министерството за односи со странство, но и индивидуално со мојата работа.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

(Белешки од годините на независноста)

На 7 јули 1992 година падна експертската влада на Никола Кљусев. Повод беше Лисабонската декларација и нашата „неуспешна надворешна политика“. Повод беше и несреќниот говор на вицепремиерот Блаже Ристовски, кој, со сета изразена почит кон мене, сметаше дека на местото министер за надворешни работи е потребен некој кој на странците не би им предизвикувал сомневања за нашата одлучност да бидеме самостојна држава. Значи, ова беа само поводи. Причините беа подлабоки.

Првата причина беше незадоволството на партиите што го беа поминале тестот на изборите, а беа ставени во улогата на набљудувачи. Тоа го забележав веднаш по формирањето на експертската влада. На лист хартија со отпечатена покана за седница на владата на Република Македонија, правам белешка што сум ја насловил: „Политичката состојба во Македонија и улогата на владата“.

Во неа сум запишал: „Состојба. Социјалдемократскиот сојуз незадоволен од работата на владата зборува за влада во сенка; ПДП и НДП незадоволни од работата на владата се повлекоа од парламентот; ВМРО-ДПМНЕ незадоволна од работата на некои членови на владата бара итна и неодложна оставка од министерот за одбрана Дамјановски и нуди упатство за поведение на владата во случај на воен удар.

Ова, заедно со фактот дека сум непрекинато изложен на напади во парламентот поради погрешна надворешна политика ме наведува да заклучам дека практично целиот парламент ѝ го врти грбот на владата. Услови за функционирање на влада на експерти практично не постојат. Сѐ помалку луѓе веруваат дека ние сме експерти. Постојано се шпекулира кој чиј човек е и кој чии партиски интереси застапува во владата.

Значи, се заговара дека, под превезот на ставовите на експертската влада се кријат разни партиски интереси. Ако е така, тогаш мислам дека тие треба да бидат јавно изнесувани, за навистина да се знае кој што мисли и чии интереси застапува. Вака, партиите се однесуваат неодговорно бидејќи не учествуваат во фактичкото вршење на власта.

Од друга страна, нивните барања се максималистички од причина што не се наоѓаат во владејачка коалиција во која би морале да прават отстапки и да се учат на умереност.

ПИСМОТО НА КЉУСЕВ

Излез. Потребно е да се формира влада на голема коалиција во која сите партии ќе земат дел од одговорноста за состојбите. Така ќе се учат на компромис и на заедничко градење на државната политика на Македонија. Доколку не се оствари тоа, се плашам дека партиите би можеле да почнат да дејствуваат вонинституционално.

Тоа значи дека тогаш владата ќе се менува во еден политички метеж. Антагонизмот би можел да нарасне до тој степен што да не биде можно партиите да седнат на една маса. Опасностите што произлегуваат од нивото на политичка (не)зрелост на поодделни членови на партиите се, исто така, реални.

Меѓутоа, постоечката комотна позиција од која само се критикува треба да се менува со пренесување на одговорноста на избраниците на народот. Тие треба да се повикаат да отпочнат преговори за создавање влада на голема коалиција“.

Втората причина ја гледав во состојбите внатре во владата. Имено, поделбите и конфликтите станаа дел од работењето на владата. Двете точки на вербални искричења беа надворешната политика и односот кон Албанците.

Нерасположението на премиерот Кљусев со мојата работа, поддржано од еден број членови на владата, излезе на виделина на 17.6.1992 година. Тој ден, имено, премиерот направи нешто што веројатно е без преседан во парламентарната демократија: упати писмо до членовите на својата влада и, за нивно запознавање, до претседателот на републиката Глигоров и до претседателот на парламентот, Андов.

Во тоа писмо се изразува незадоволство со работата на Министерството за односи со странство, но и индивидуално со мојата работа. Во писмото премиерот пишува дека „… и покрај бројните укажувања… не постои доволна синхронизираност и не се почитува вообичаената процедура…“.

Истакнувајќи го отсуството на соработка меѓу МОС и другите министерства, а тоа „особено го нагласува“ во „…релацијата министер-претседател на владата, односно потпретседатели“.

Потоа следи серија укажувања за изборот на составот на делегациите што патуваат во странство „… без консултации или барање согласност од владата или од премерот, кој треба да биде информиран писмено или усно од страна на министерот: ,,и тогаш кога е итна ситуација“, дека по патувањата „…најчесто отсуствува извештај“ и дека „малку се прави на рационализација на патувањата“.

Понатаму, Кљусев го наведува „недозволивиот пример кога… при неодамнешната посета на министерот за односи со странство на Бугарија, претседателот не беше претходно информиран.

Натаму, тој истакнува дека „владата во целина и премиерот не беше претходно информиран за настапот и работата на работните групи на Македонија, на Конференцијата за Југославија во Хаг и во Брисел…“. Бара комуникација со лобистите, кои „ја застапуваат Републиката со акт на претседателот на владата, „да… оди, пред сѐ, преку претседателот на владата…“.

БОРБА ЗА ВЛАСТ СО ГЛИГОРОВ

И повторно, како повеќепати порано, не му обрнав внимание на овој, како што мислев, задоцнет интерес на премиерот за работата на министерот и на Министерството за надворешни работи. Од каде тој ненадеен интерес, се прашував. Денес, со ова политичко искуство, го препознавам во завршниот пасус на писмото на премиерот до членовите на својата влада(!?) и до претседателот на републиката и на парламентот.

Овој пасус гласи: „Република Македонија се наоѓа пред скорешно меѓународно признавање. Тоа бара од целата влада, од нејзината кадровска комисија и од надлежното Министерство за односи со странство интензивна и конкретна активност за избор и селекција на квалитетни кадри за вклучување во дипломатско-конзуларните и други претставништва во странство.

Досега, ниту владата во целина, ниту премиерот не се запознаени дали и како течат тие подготовки, со цел, низ поширока консултација пред владата, да се селектираат и насочат конкретни кадри, по профил, афинитет, квалитет и општи познавања, како и познавање странски јазици. Оваа задача веќе станува ургентна“. Следува потпис на премиерот д-р Никола Кљусев.

Политиката, пишува Роберт Дал, се сведува на „кој добива што, кога и како“. Во Македонија, Кљусев прерано прогласи победа за Македонија во борбата за меѓународно признавање и најави битка за поделба на дипломатскиот плен. Патем направи една кардинална грешка. Го стори тоа оспорувајќи го, не толку мојот, колку авторитетот на претседателот Киро Глигоров.

Имено, во кабинетот се креираше надворешната политика на младата држава зашто имав впечаток дека таков бил договорот меѓу претседателот и премиерот. Згора на тоа премиерот ја опиша мојата работа како неуспешна, знаејќи дека на седница на парламентот, Глигоров, на критики од опозицијата за мојата работа, реплицираше од говорница дека од сите министри за надворешни работи на поранешните југословенски републики, повторно би ме избрал мене.

Што се однесува до критиките упатени кон мене од страна на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот Глигоров знаеше да ме утеши со зборовите: „Не се вознемирувај, тие, всушност, преку тебе, ме критикуваат мене“. Како сведок на времињата, знам една работа: дека монополот врз надворешната политика, која беше во рацете на Глигоров, беше со согласност на Кљусев и со Ристовски, кои толку го почитуваа авторитетот на претседателот што на состаноци, на кои присуствував и јас, вадеа бележници за да запишат она што ќе го каже Глигоров. Во една пригода, гледајќи кон мене, Ристовски му дофрла на Кљусев: „Тој е млад, не мора да пишува – памти“.

Можно ли е дека и во случајот на премиерското писмо, Кљусев, всушност, влезе во некаква борба за власт со Глигоров? Можно ли е дека токму тоа го наведе претседателот да не го брани Кљусев и експертската влада на претстојната седница на која се гласаше за недоверба?Дека и тоа имало извесно влијание е неспорно.

(Продолжува)

Поврзани новости