Поранешниот министер за правда, Аднан Јашари вчера побара од новинарката на „Фокус“ Фросина Факова-Серафиновиќ да го повлече текстот „Синот на Талат Џафери положил правосуден во време на министерот Јашари од ДУИ – документите ги нема“.
Откако завчера Државната комисија за спречување на корупцијата на вчерашната седница одлучи дека не може да се отвори предмет за случајот со синот на Џафери, бидејќи Министерството за правда не ја чува документацијата, „Фокус“ побара одговор од Министерството за правда зошто не се чува документацијата.
Министерстовото за правда испрати одговор до „Фокус“, но и соопштение до сите медиуми во кое образложува зошто не се чуваат документите и вели дека синот на Џафери, положил правосуден испит во 2015 гдина, а потписот за положен правосуден испит го ставил министерот за правда кој ја извршувал функцијата во 2015 година.
-Во врска со случајот со Барлет Џафери кој го водеше Државната комисија за спречување на корупција Ве информираме дека согласно евиденционата тетратка за положени кандидати што се води во Министерството за правда и е од трајна вредност, лицето Барлет Џафери има положено правосуден испит на 05.02.2015 година.
Потписот за положен правосуден испит го ставил министерот за правда кој ја извршувал функцијата во 2015 година. Во врска со наводите на ДКСК за немањето документација за положен правосуден испит на Џафери, Ве информираме дека согласно член 27 од Уредбата за канцелариско и архивско работење (“Службен весник на РМ”, бр.01/14), министерот за правда секоја година носи листа на документиран материјал со рокови за негово чување за потребите на Министерството за правда.
Во однос на рокот за чување на документацијата во Министерството за правда, досегашната пракса била документите на кандидатите односно барањата и другата придружна документација на кандидатите за полагање правосуден испит да се чуваат една година, рекоа од Правда.
Од јавно достапните информации може да се провери дека во 2015 година министер за правда бил Аднан Јашари, па „Фокус“ побара коментар од Јашари со оглед на тоа дека ДКСК утврдила дека синот на Џафери положил правосуден испит без да заврши факултет, а тој го ставил потписот за положен испит.
Јашари ни одговори дека не положил додека тој бил министер, туку пред него. На нашето прашање дека информацијата е од министерството за правда дека потписот за положен правосуден испит го ставил тој, Јашари додаде дека положил шест месеци пред да стане министер.
Откако видел дека текстот е објавен Јашари се обиде да не контактира телефонски преку вибер, но врската се изгуби бидејќи бил во Загреб, а интернетот бил слаб.
„Фокус“ побара писмена реакција од него, за да се објави неговата страна. Но, тој ни напиша дека имаме погрешна статија. – Повелечи го одма и провери го добро случајот, ни пиша Јашари.
-Информациите се од Министерството за правда. Слободно испратете демант, ќе го објавиме, му понудивме на Јашари..
-Јас не доставувам демант. Повлечи, да не барате извинување, рече Јашари кој потоа ни објаснуваше дека синот на Џафери не положил во негово време, дека тогаш се потпишувале правосудните испити од претседателката Лидија и дека статијата ни е лажна.
-Сега барам и да се извините, рече Јашари.
Новинарката му го испрати соопштението од правда и му објасни дека не може да се извинува за објавена официјална информација од институција и разговорот заврши.
Редакцијата на „Фокус“ утрово искажа поддршка до колешката Катерина Додевска и до редакцијата на МКД.мк за пцовките и заканите на директорот на топланата Скопје Север, Куштрим Рамадани и нашето искуство го објавуваме за на јавноста да и дадеме целосна слика, за односот на дел од актуелните и поранешните функционери кон новинарите и за тоа со што се соочуваат новинарите при вршењето на нивната работа.
Ги повикуваме новинарските здруженија, но и институциите да реагираат и да овозможат услови за работа на новинарите во кои тие ќе се чувствуваат безбедни.