Агенцијата за храна и ветеринарство нареди итно повлекување и отповикување на небезбедни сладоледи поради утврдено зголемено присуство на етилен оксид. Од пазарот, како што информира АХВ, се повлекуваат и отповикуваат сладолед „Кит-кет“ со сериски број/лот- PL1048 и рок на употреба до 28.02.2023, со потекло од Франција.
„Причина за отповикување е небезбеден производ поради присуство на етилен оксид кој е потенцијален ризик по здравјето на луѓето“, велат од АХВ, додавајќи дека увозникот и дистрибутер Алма М треба веднаш да постапи по издаденото решение од Агенцијата.
Заради истата причина се повлекува и сладолед „Милка“ ванила и чоколадо со сериски број/лот:MI1118, MI1119 и рок на употреба до 30.04.2023, по потекло од Полска, како и сладолед „Милка“ со сериски број/лот:MI1117 и рок на употреба до 30.04.2023, со потекло исто така од Полска, чиј увозник, исто така, е Алма М.
„Небезбедниот сладолед е ставен под службен надзор, односно, забрането е негово ставање во промет. Апелираме крајните потрошувачи, кои ги имаат купено горенаведените производи со сериски брј/лот, да не ги консумираат и да ги вратат на местото од каде ги купиле, или да ги уништат“, порачуваат од Агенцијата.