Советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје се премислија и ја повлекоа точката да се поништат имињата на улици, мостови и плоштади ставени од минатото раководство предводено од ексградоначалникот Петре Шилегов.
Советничката Марија Андонова од ВМРО-ДПМНЕ рече дека бара да се поништи одлуката, бидејќи имало неправилности и недоречености во одлуката со која се сменија имињата односно на дел од улиците се вратија старите имиња.
Но, кога точката дојде на дневен ред, помошник-раководителот на Секторот за комунални дејност, Драги Митковски, рече дека нема ништо спорно во носењето на одлуката за промена на имињата која сега советниците бараат да се поништи со образложение дека имало неправилности.
-Изготвувач на таа точка беше Секторот за комунални работи и усвоена е на 30 март 2021 година и тука нема ништо спорно. Меѓутоа, имајќи го предвид денешниот тек и начинот на предлагање на точката со која се бара поништување на постојната одлука, со цел да истата добие во квалитет – рече Митковски.
Потоа, тој предложи точката да биде преработена и усогласена, по што беше тргната од дневен ред.
Инаку, во времето на Шилегов се сменија имиња на 570 имиња на улици, мостови и плоштади во Скопје, за како истакна тогаш тој, да се исправи грешката која беше направена од ВМРО-ДПМНЕ кога во Скопје беа избришани имиња кои се битието на градот.