Повлечен е списокот на лица предложени за помилување што треба да биде доставен до претседателот на државата Стево Пендаровски, објави на Фејсбук заменик министерот за правда Агим Нухиу.
-Ја информираме пошироката јавност дека Иницијативите за помилување покренати од Управите на затворите се повлечени од страна на Министерството за правда! За каузата на правдата ние секогаш ќе дејствуваме!, напиша Нухиу.
Тој претходо објави дека се оградува од списокот за помилувања на осуденици потпишан од министерот Бојан Маричиќ.
Министерот за правда, пак, денеска изјави дека тој не дава никакви помилувања и оти ниедно спорно име нема да се најде на листите.
-Министерот за правда не дава никакви помилувања. Ова се специфични помилувања по повод Нова година и листите за делумно скратување на казната ја прават директорите на затворот и се проследува на разгледување. Мислам дека дел од спорните имиња нема ни да се најдат на листите. Значи, предлог листите се од затворите, а не од Министерството за правда. Тие листи поминуваат низ четири филтри, вели министерот за правда Бојан Маричиќ за Утрински брифинг.
Вели дека оваа постапка не е јавна и не се објавува во јавност.
„ Неблагодарно е да се објавуваат имиња во рана фаза затоа што станува збор за луѓе што се осудени и имаат свои надежи. Ние ќе се погрижиме да не се најде ниедно спорно име на списоците, истакна Маричиќ.
Од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски за МИА потврдија дека Комисијата за помилување ќе ја закаже седницата кога ќе пристигне финалниот список од Министерстовото за правда со предлозите за групното помилување.
-Комисијата за помилување ќе ја закаже седницата кога ќе пристигне финалниот список од Министерстовото за правда со предлозите за групното помилување. Јавноста како и секогаш ќе ја информираме веднаш кога ќе се донесат одлуките, велат од Кабинетот на Пендаровски.
На списокот за помилување од издржување на дел од затворската казна или за целосно помилување како предлог до претседателот на државата Министерството за правда има 48 лица. Меѓу имињата, како што објавија дел од медиумите, се и бизнисменот Сеад Кочан, Александар Василевски-Нинџа, контроверзниот сведок на обвинителството за случувањата на 27 април 2017 година, Бобан Илиќ, осуден за убиството на 4 годишниот Алмир во Куманово…