Вработените во основното и средното образование ќе земат за пет проценти зголемена октомвриска плата, соопшти претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков на денешната прес-конференција по средбата со премиерот Христијан Мицкоски
-Тоа значи дека од овој месец, односно од октомвриската плата, вработените во основното и средно образование ќе имаат зголемена плата за пет проценти. Задоволството е уште поголемо што се договоривме за континуиран раст на платите во основно и средно образование во период од четири години, каде според нашите заеднички математики, конечно вработените во основно и средно образование, носителите на дејност наставниците и професорите ќе имаат плата во висина од просечна или нешто над просечна плата, рече Неделков.
Како што додаде, ова е голем успех во преговорите, во социјалниот дијалог и партнерство и е доказ дека со заемно почитување и разбирање како социјални партнери, може да се дојде до прифатливи решенија.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференцијата посочи дека после неколку неделни преговори и анализи, и врз основа на она што го имаат како информација како се полни буџетот и кои се проекциите за годините кои следат, сакале да постигнат договор кој ќе биде долгорочен и ќе биде во насока на подобрување на финансиска состојба на наставниците.
Мицкоски најави дека до 2028 година наставниците и професорите ќе имаат зголемени плати од 46 проценти.
-Октомвриската плата практично која што ќе биде исплатена во ноември па се до февруарската плата којашто ќе биде исплатена март 2025 година ќе имаме покачување од 5% на платите, потоа во март 2025 година ќе имаме покачување од 7%, во март 2026 година во зависност од состојбата на Буџетот ќе имаме покачување помеѓу 7 ипол и 10%. Исто во зависност од состојбата на буџетот во март 2027та ќе имаме помеѓу 7 ипол и 10% и исто така зависно од состојбата на полнењето на Буџетот во март 2028 година ќе имаме помеѓу 10 и 12 и пол % покачување на платата, што би значело во овој дијапазон за којшто сега зборуваме во март 2028та наставниците и професорите во основното и средното образование треба да зимаат отприлика минимум 46% повисока плата од таа којашто ја земаат денеска, а може и повеќе во зависност од тоа која скала ќе биде применета, а тоа ќе зависи од приходната страна на самиот Буџет, рече тој.