Општина Штип се подготвува за манифестацијата Штипска пастрамјлијада 2022, која ќе се одржи на 23-ти и 24-ти септември.
Настанот е големо стопанско-забавно случување на кое се промовира кулинарскиот бренд на градот – штипска пастрмајлија, и посетители од целата земја доаѓаат за време на одржувањето.
Годинава музички гости ќе бидат Јелена Розга, Тони Цетински, Џамбо Агушев, ДНК, Куку Леле и други.
Околу тоа по која цена ќе се продава пастрмајлијата, специјалитет од тесто и месо, печен во фурна, на средба помеѓу угостителите, штипскиот градоначалник Иван Јорданов и претставници на општината, била договорена нова цена, 190 денари за една пастрмајлија, која содржи 150 грама месо и 250 грама тесто.
Во минатото пастрамјлијата се продаваше за 150 денари, а годинава, како што појаснуваат угостителите, покачувањето се должи на поскапувањето на електричната енергија.
-Буквално за се се зголемени животните трошоци, но струјата ни е најголем удар. Не знаеме како ќе излеземе на крај – велат штипски угостители.
Планирано е да има 29 штандови на кои ќе се продаваат пастрмајлии, за кои закупот изнесува 200 евра. За оние кои кои ќе закупат простор, а не служат храна, одредени се други цени, и тоа од 1.000 до 3.000 евра.
Вики Клинчарова