Сите бугарски политичари и институции мора да се обединат за да ја пресечат антибугарската кампања на политичарите од Северна Македонија. Ова го изјави претседателот на бугарската партија Движење за права и слободи (ДПС), Делјан Пеевски по јавните настапи на македонскиот вицепремиер Александар Николоски што предизвикаа негодувања во Бугарија.
ДПС беше второпласирана партија на јунските предвремени парламентарни избори во Бугарија, освојувајќи 47 места во 240-члениот бугарски парламент.
Ставот на Пеевски доаѓа како реакција по изјавите на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски упатена кон бугарските власти во врска со непоставувањето на македонското знаме на средбата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со бугарскиот претседател Румен Радев.
Според Пеевски, постојаните навредливи изјави за Бугарија и Бугарите од страна на политичките лидери од Северна Македонија уште еднаш покажуваат дека бугарската страна сè уште ги нема преземено неопходните решителни дејствија „за да се запре овој бран на понижување и навреда кон нашата држава“.
-Ако сакаме да ја исполниме одговорноста што ни ја доверија бугарските граѓани, сите политичари и институции мора да се обединат за да ја заштитат нашата национална чест и достоинство, без разлика на нашите политички определби и предрасуди – рече тој.