Повик за бојкот: Студентите да не ја плаќаат дополнителната сума од 3.500 денари за „материјални трошоци“ на УКИМ

by Fokus

Форумот за образовни промени повика на бојкот, студентите да не ја плаќаат дополнителната сума од 3.500 денари за „материјални трошоци“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

„Форумот за образовни промени е згрозен од фактот што еден недоволно развиен универзитет, според сите мерења, без функционални услови за студирање, а уште помалку за одржување практична настава, како што е УКИМ, поради неспособноста да генерира финансиски средства, носи одлуки кои го оптоваруваат џебот на студентите и се однесува како да е универзитет од светски ранг.

Заедно со дополнителните трошоци и другите давачки кои се воведени за финансиска експлоатација на студентите, една академска година на овој универзитет достигнува сума блиска до 500 евра. Образложението на изнудувачите дека „дополнителната сума од 3.500 денари е за користење материјали за време на практичната настава“ не држи вода и претставува класична измама од страна на ситни џепароши.

Сè што е задолжително за студентите треба да им се обезбеди без да се бараат дополнителни средства од нив. Дополнително, кај повеќето предмети не се користат никакви материјали за практична настава, бидејќи повеќето лаборатории немаат услови, а практичната настава се претвора во предавања, со што на студентите им се ускратува правото на развој на практични вештини“, соопштија од ФОП.

ФОП ги повикува студентите да го бојкотираат плаќањето на дополнителната сума од 3.500 денари додека УКИМ не се соземе и не се откаже од ова. Го повторуваме нашето барање за бесплатно јавно образование, а до тогаш остро ќе се спротивставуваме на секој обид за злоупотреба на парите на студентите.

О.К.

Поврзани новости