Организацијата за заштита на животната средина Иницијатива О2 испрати повик до Македонската православна црква да ја донира парцелата спроти хотелот „Холидеј ин“, со цел на таа локација да се изгради парк кој ќе биде симбол на вера и љубов.
„Надежта е алката која во ова наше руинирано општество се уште колку толку, ни ја држи главата над водата. Надежта за квалитетен живот, љубовта кон својот град и верата во добрината на нашите сограѓани.
Ве повикуваме плацот што го поседувате, во строгиот центар на Скопје, да го донирате за парк кој ќе биде симбол на вера и љубов, она што на овој народ во овој момент покрај чистиот воздухот му е најпотребно.
Практикувајте го она што го приповедате, вратете ја надежта на луѓето во добрината и духовноста. Не ги осудувајте нашите деца на живот во гасни комори, бебиња на борба за живот уште неродени, не нè терајте да молиме за воздух. Во име на тие деца и нивната иднина не ја правете оваа грешка, не давајте матријалното да го засени духовното.
Конечно, и вие некогаш некому, на својот народ или на Бога, ќе треба да одговорите:
Која е потребата на духовни лидери да се опкружуваат со материјални работи?
Која е потребата до вашите црковнички титули да стојат суми испишани во евра?
Во Вашиот земски живот, правевте добро или зло?“, стои во повикот на О2.