Американските гласачи се претежно скептични дека претседателот Џозеф Бајден е ментално способен за втор мандат, а не е ниту неговиот најверојатен противкандидат на изборите, Доналд Трамп, покажува истражувањето на Универзитетот Квинипијак, чии резултати беа објавени на среда.
Според истражувањето, 64 отсто од испитаниците рекле дека Бајден (81) не е ментално способен за втор мандат, а 51 отсто од нив сметаат дека нe e ниту Трамп (77).
Истражувањето исто така покажа дека Бајден води пред Трамп со четири процентни поени, иако две третини од гласачите веруваат дека Бајден е премногу стар за нов мандат.
81-годишниот Бајден, чија ментална острина е под лупа по извештајот овој месец на специјалниот советник Роберт Хур, кој го окарактеризира како „постар човек со слаба меморија“, ја отфрли загриженоста за неговата меморија и не дава никакви индикации дека може да се повлече од кампањата за реизбор.
Анкетата на YouGov за Економист, чии резултати исто така беа објавени во средата, покажа дека Бајден е еден процентен поен зад Трамп.
Многу други анкети покажуваат дека Трамп е во поголемо водство. Но, изборите се одржуваат дури во ноември, а јавното мислење дотогаш може многу да се промени.