Повеќе од три недели нема траг од скопјанецот Никола: Неговото исчезнување е многу чудно, тој го сакаше животот!

by fokus

Никола Гоцев, 64-годишен скопјанец, кој во март годинава се пензионирал, е исчезнат веќе три недели. Немал здравствени проблеми, освен повремено висок притисок и аритмија, и како што за ,,Фокус” раскажува неговата сестра Сузана, многу го сакал животот.

Отишол во аптека на 16-ти ноември и му се губи секаков траг среде бел ден.

-Го сакаше животот. Неговото исчезнување е многу чудно. Излегол од дома (Тафталиџе 2) и бил во аптека на ,,Партизанска”. Во 12:35 часот е регистриран последниот телефонски разговор со неговата сопруга, по што му се губи секоја трага. Последното зрачење од телефонот е регистрирано од базната станица Орман.

Според исказите на неговата сопруга, со себе носел трска за по риба, бела торба за на пазар и платнена ташна како оние за лаптоп, но без ремен за преку рамо, во која наводно имал опрема за рибарење – раскажува сестрата на Никола.

Вели дека брат и нема деца, а неговата сопруга го пријавила исчезнувањето во полицијата наредниот ден, на 17-ти ноември.

-Од своја страна, полицијата направи многу обиди и вложи напори за неговото пронаоѓање, но безуспешни.
Јас лично, со уште шестмина мои блиски пријатели, педа по педа го пребаравме цел Лепенец од Волково до излезот од Орман, исто така безуспешно. Лично, со мојот автомобил го крстосав цело Скопје одејќи од таксист до таксист, прашувајќи дали некој го видел или возел.

Кај мостот ,,Обединети Нации” каде што вообичаено ловел риба, многумина како лик го препознаваат, но тврдат дека ни на денот кога исчезнал, ниту неколку дена претходно никој не го забележал – раскажува Сузана.

Никола е само уште едно од многуте лица кои периодов исчезнаа во земјата. Пред три дена исчезна повозрасна жена од Скопје, со здравствени проблеми. Од Македонски Брод, исто така пред неколку дена исчезна млад маж. Пред неколку недели и од Неготино исчезна 79-годишно лице.

,,Фокус” во неколку наврати пишуваше и за 29-годишен скопјанец, кој мистериозно исчезна пред три месеци, а последен пат бил виден во хотел во Скопје. Од Куманово пак, кон крајот на август исчезнаа мајка (32) и нејзината ќерка (7).

Иако сите овие случаи се пријавени во полиција од семејствата на исчезнатите, нивните фотографии и податоци не се објавени на страницата на МВР за исчезнати лица.

Очајните семејства во потрага по одговори ја замолуваат јавноста, доколку некој има било каква информација, да се јави во полиција.

Вики Клинчарова

Поврзани новости