Повеќе од шест саати не треба да се седи во скафандери, може да се колабира, алармираат лекарите

by Fokus

Повеќе од шест саати никој не смее да седи во скафандери бидејќи може да колабираат, тврдат дел од лекарите кои работат во ковид центрите, а со кои контактираше „Фокус“.

„Максимум пет до шест саати може да се седи во скафандер и после тоа се прави неколку саати пауза, па повторно може да се облече“, едногласно потврдија шест лекари, кои ги прашавме.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски и пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ангелинка Петкова кои се позитивни на ковид-19 поголемиот дел од денот го поминаа во скафандери во посебна кабина, од каде што чекаат да почне гласањето за недоверба на владата.

Никој нема точни информации, дали двајцата пратеници цел ден се во скафандери, дали излегувале од кабината во која што беа сместени уште кога пристигнаа во Собранието и како ќе го издржат денот со оглед на тоа што цел ден се очекува да почне седницата, на која не се појави пратеникот Кастриот Реџепи од редовите на БЕСА.

Според протоколот од пред неколку месеци, објавен од Комисијата за заразни болести, постојат одредени услови според кои на пратениците кои се суспектни на ковид 19 и на кои им одредена домашна самоизолација, а немаат симптоми на вирусот, ќе може да учествуваат во работењето на Собранието, односно да присуствуваат на собраниска седница и да го остварат своето право за гласање во една од поставените кабини во Големата сала.

Но, сепак тука не пишува дека тие треба цел ден да чекаат во Собрание, туку само начинот на кој треба да бидат облечени додека стигнат таму, каде да се изолирани, како да гласаат и да се вратат дома. Во протоколите не е предвидено дека може цел ден да седат во скафандери.

За првпат во скафандер во Собранието гласаше пратеникот од ДУИ, Арбен Зибери, кој беше и директор  на скопскиот Центар за јавно здравје,  потоа Мирослав Богдановски кој беше позитивен на ковид од редовите на ДОМ, како и пратеничката Бисера Костадиновска од СДСМ.

Ирена МУЛАЧКА

Поврзани новости